Србија: Младите ги пакуваат куферите кон крајот на студиите

Mладите луѓе и понатаму ја напуштаат Србија, главно во текот или по завршувањето на студиите, покажуваат заклучоците од најновото истражување спроведено од страна на студентите на белградскиот Факултет за политички науки во текот на минатиот семестар. Никола Јовиќ, асистент по предметот методологија на политиколошки истражување на Факултетот за политички науки, за весникот „Политика”, вели дека на прашањето дали би ја напуштиле Србија , 82 отсто од младите луѓе одговориле потврдно.

http://www.politika.rs/rubrike/Drustvo/Koferi-se-pakuju-pri-kraju-fakulteta.lt.html

„Според Светскиот економски форум , Србија се наоѓа на 141 место по одливот на мозоци на ранг листата од 144 земји. За земја од седум милиони жители, тоа е сериозен економски, но , исто така и социјален проблем. Овој феномен последните децении предизвика многу внимание, но за жал главно на ниво на критики и изрази на жалење во врска со ситуацијата, наместо како поттик за да се преземат конкретни мерки кои ќе доведат до соодветни решенија“, вели Јовиќ.

А токму тоа е причината за студентите од втора година на Факултетот за политички науки , преку дискусија со нивните врсници,  да се обидат да ги утврдат основните причини зошто земјата секоја година ја напуштаат многу млади луѓе.

На скалата од 1 до 5, својата финансиска состојба испитаниците ја оцениле со просечна оценка од 2,87 , а од моменталната ситуација во земјата незадоволни се  дури 73 проценти од испитаниците, оценувајќи ја со оценки еден и два.

„Одлуката за заминување младите луѓе обично ја носат во текот или по завршувањето на студиите . Овој факт не е изненадување ако се има во предвид дека најголемо незадоволство владее меѓу студентите , а од друга страна една од главните причини за напуштање е подобарата работа на која се надеваат во странство, како и на поголемите шанси за успешна кариера . Дури 74 отсто од испитаниците веруваат дека членството во политичка партија е одлучувачки фактор за напредување во кариерата, па си заминуваат таму каде што се чувствуваат дека работата се добива преку квалификациите, а не преку партија“, вели Никола Јовиќ.

„Никој во Србија денес не може со сигурност да каже колку млади и талентирани кадри ја напуштија Србија, ниту пак државата презема планирани и организирани чекори за да се спречи талентите да ја спакуваат дипломата и да си одат во потрага по леб.“

„Овде корупцијата останува главен проблем . Државата треба да обезбеди повеќе работни места, луѓето да се вработуваат по квалитетот, а не преку врски, оној кој вреди треба тоа да може да го покаже. Мал е буџетот за науката и образованието“, вели Драган Вукичевиќ , директор на Националниот комитет на ИАЕСТЕ за Србија, организација која работи на размена на студенти од техничките и природни науки.

Проценките на професорот Владимир Гречиќ кој до децении ја изучува емиграцијата се дека од 1990 година Србија ја напуштиле 40.000 професионалци со универзитетска диплома. На секој се потрошени околу 300.000 долари , па така се  доаѓа до загуба на неверојатни 12 милијарди долари.

Пред извесно време еден од ретките конкретни предлози да се запре одливот на мозоци, дојде од Унијата на работодавачи на Србија, која на Владата и предложи да се усвои француски и данскиот модел, со кој српските компании би биле обврзани еден процент, на годишно ниво од вкупниот приход да го инвестира во образованието и за стипендирање на млади професионалци, кои еден ден ќе работат во овие фирми.

Сето тоа остана само на хартија.

„Една од целите на нашето истражување е пораката дека патот до решение, меѓу другото, е и согледување на размерот на проблемот и соочување со него, но исто така и подигнување на свеста на младите луѓе колку е важно да се обидат да ја променат шемата на однесување, повеќе да размислуваат за приватната иницијатива и создавање на работни места за самите себе наместо да чекаат да се отвори уште едно место во администрација. Ако тие не го сторат тоа, товарот ќе остане за генерациите што доаѓаат , но тогаш овој товар ќе биде уште потежок“, вели Никола Јовиќ.

Извор: Политика