Србија „губи“ по милијарда евра годишно поради иселување на високообразованите

Од Србија секоја година се иселуваат од 30 до 60 илјади луѓе, од кои четвртина се со високо образование и според процените на тој начин земјата секоја година „губи“ милијарда евра, анализира весникот „Политика“.

Во текстот се наведува дека иако никој во Србија сè уште не направил точна проценка колку се издвојува за образование, според Александар Бауцал, професор на Филозофскиот факултет во Белград, еден дипломец во земјата чини околу 100 илјади евра.

Според неговата математика, само за образованието на студентот до дипломирањето потребни се помеѓу 30.000 и 35.000 евра, во кои спаѓаат трошоци на семејството, државата и локалната самоуправа. Ако на тоа се додадат и претпоставените 30 отсто од приходите на секое семејство, кои месечно ги трошат за своето дете, до дипломирањето тоа се дополнителни околу 60.000 евра.

Бауцал посочува и дека со иселувањето на високообразованите лица неразвиените земји губат и на други начини, како на планот на демократијата, бидејќи школуваните, по правило, од државата и политичарите очекуваат повеќе од помалку образованите. Загуби има и во областа на културата, економијата и здравството.

„Засновано на разговори со младите кои заминуваат во странство, тие таму одат поради финансиски можности и професионален развој, иако морам да кажам дека многу зборуваат и за тоа дека кај нас не се ценат стручните квалитети, туку политичките врски. Општеството не е средено, поважно е кој те протежира, а не што знаеш. Секако, овие причини можат да бидат и стереотипи, но дури и да не се вистинити, факт е дека голем број на тој начин го гледа српското општество и тоа влијае на нивната желба својата иднина да ја градат овде“, вели Бауцал.

Во својата анализа, весникот додава дека миграцијата на школуваните од неразвиените во развиените земји сепак не мора да се гледа само преку споредбите на директните трошоци на едната и другата страна. „Политика“ пишува дека државјаните од неразвиените земји после извесно време испраќаат финансии во својата матична држава, додека експертите можат да се вратат во својата матична држава или да соработуваат со нејзините научни и други институции, што е тешко да се пресмета во пари.