Србија го намалува бројот на часови во основните училишта, кај нас се размислува

Српските ученици од основните училишта од петто до осмо одделение од следната учебна година ќе имаат до пет часа во еден работен ден, односно 25 часа неделно, со што децата ќе се растоварат за околу 20 отсто часови. Ова е предвидено со законските измени што тамошните власти ги усвоиле минатата недела, пишува Нова Македонија.

Дали и кај нас може да се случи вакво нешто, со оглед на тоа дека Синдикатот за образование, наука и култура досега неколкупати реагираше дека учениците се преоптоварени со голем број часови? Во Министерството за образование и наука велат дека постојано се работи на унапредување на образовниот систем, па за сите новости што би се правеле во соработка со сите образовни чинители јавноста ќе биде информирана.

Јаким Неделков, претседателот на Синдикатот за образование, наука и култура, вели дека долго време организацијата стои на ставот дека македонските ученици се преоптоварени со настава и дека поради тоа е потребно да се редуцира бројот на часови.

– На оваа тема разговаравме со одговорните во Министерството и со одговорните во Бирото за развој на образованието. Од нивна страна ни беше кажано дека нашето образование е деветгодишно и дека дури кога ќе заврши првата генерација деветолетка, ќе мора прво да се направи евалуација. Дури потоа треба да има поширока расправа, на која треба да се види дали деветгодишното образование ги дава очекуваните резултати, што да се менува, а што да остане. Значи, дотогаш не можеме да бараме да се кратат часовите. Тоа би повлекло и технолошки вишоци, па се поставува прашањето што со оние наставници што ќе останат без работа. Затоа мора многу внимателно да се размислува за една ваква реформа – објаснува Неделков.

Тој вели дека конкретно за бројот на предмети имало реакции од самите наставници, кои тврдат дека не е исто кога се одржуваат блок часови по математика на прв и втор час, со одржувањето блок часови на шести и седми час.
– Тие реагираа дека на учениците што имаат математика како последни часови многу им е мала концентрацијата и дека не го совладуваат материјалот исто како оние што го имале овој предмет на првите часови – додава Неделков.

Фоника Станоева, директорка на училиштето „Ѓорѓија Пулевски“ во Аеродром, смета дека е потребно да се растоварат учениците од премногу часови, но дали тоа ќе се случи, зависи од Бирото за развој на образованието.
– Распоредите на часови ги прави педагошко-психолошката служба заедно со директорот. Настојуваме секогаш петок или вторник да бидат денови со помалку часови, а понеделник, среда и четврток со повеќе. Гледаме да не ги ставаме во ист ден, условно речено, потешките предмети. Како наставен кадар секогаш велиме дека учениците имаат поголем број часови, но таква е програмата за работа од Бирото. Има забелешки од родителите, материјата навистина е пообемна за разлика од порано, но дали ова ќе се смени зависи од одговорните во Бирото и во Министерството – вели Станоева.

Освен намалувањето на бројот на часови во српското образование, на барање на тамошниот синдикат, законските измени предвидуваат и основците по секој предмет во текот на едно полугодие да бидат оценувани најмалку четирипати, па дури потоа да може да им се заклучи конечна оценка.

Извор: Нова Македонија