Срби ќе конструираат грамофонска плоча од чоколадо која би создавала звук

Машинските инженери Горан Спасојевиќ и Перица Рачиќ од Лаповo, Србија, ќе конструираат машина за производство на грамофонски плочи од чоколадо која би создавала звук.

Резултатот од оваа идеја ќе се дознае во втората половина од оваа година, велат инженерите за српските медиуми. Тие веќе добиле партнер од Сплит со барање да се направи грамофонска плоча од чоколадо, какви што тој сега изработувал рачно.

„Добивме само една плоча за подарок, за жал не успеавме да слушнеме како звучи“, вели Спасојевиќ.

Партнерот од Сплит кој доаѓа од фирмата „Надалина“ им соопштил дека рачно изработената грамофонска плоча од чоколадо може да создава звук и по три или четири пати, но звукот секојпат звучи полошо, а на крај плочата може и да се јаде.

„Нам тоа ни е интересно и во наредните пет, шест месеци би требало да дојде до реализација на тој проект. Треба да направиме проби и да видиме дали ние тоа можеме да го направиме“, рече Спасојевиќ кој воедно соопшти дека ова е еден од проектите за идниот развој на компанијата „МБР Рачиќ“ која произведува крем и чоколадо.

Купувачите за машините кои ги изработуваат двајцата инженери се од различни градови во Србија и во соседните земји, а Спасојевиќ и Рачиќ работат сами во две физички одвоени работилници бидејќи не можат да најдат квалификувани работници.

Според пресметките на Рачиќ, за една машина целосно да се конструира, во зависност од капацитетот, потребни би биле од еден месед до една година.