„Срамота!“ – Вечер на раскажување квир-приказни во Кино Култура

Вечерва во Кино Култура е најавен настанот Срамота!, како вечер на раскажување квир-приказни. Почетокот е во 21:00 часот .

Како и претходните години, модераторки на вечерта се ПичПрич – Румена Бужаровска и Ана Василева.

Неколкумина раскажувачи од јавната културна, политичка и општествена сфера раскажуваат кратки приказни за телесниот, родовиот и сексуалниот срам што ја обележал нивната општествена ненормативност – оттаму, „квир“ како она што излегува од рамките на прифатливиот општествен код.

Со овие јавно изговорени приказни, срамот се превртува и се трансформира, исмеаниот станува исмевачот – срамот се враќа назад кон оние што занесени во својата арогантност и привилегија, претпоставуваат дека го имаат правото да бидат родова, сексуална и морална полиција и да понижуваат. Со овие приказни, од срамот за нашите желби, задоволства, однесувања, движења и размислувања градиме наративи на отпор. Нашиот срам станува нашето задоволство и среќа. Наместо сведнатата глава и преплавувачкото црвенило, пркосиме. Наместо неподносливото задушување навнатре во себе, експлодираме од смеа“, посочуваат организаторите.

Срамота! е дел од седмиот по ред Викенд на гордоста Скопје, фестивал за квир култура и уметност. Носечката идеја зад Викендот на гордоста 2019 е GLITTERING WOUNDS (Светкави рани), а се одржува во периодот од 7-9 јуни и 14-15 јуни во Скопје.