СПУКМ седи во Сенат – студентските избори закочени во Собрание на РМ

Гласањето на Статутите на универзитетите, кои мора да се усогласат со новиот Закон за високо образование (ЗВО), е заглавено во македонското Собрание. А без новите статути, закочена е и можноста за распишување на студентски избори, со кои треба да се стави крај на праксата Студентските парламенти незаконски да ги претставуваат студентите во универзитетските тела и органи.

„Студентите и годинава немаат шанса да се организираат, да одлучуваат, да ги претставуваат студентите. Студентите се уште немаат студентски правобранител… Сметаме дека Собранието, како основач на универзитетот, треба најитно да ги преземе работите предвидени во законот кој го има изгласано, и конечно да се ослободиме од целиот хаос околу студентското организирање, со цел студентите конечно да добијат свои претставници, да бидат легитимно избрани, да бидат почитувани како еднакви членови на академската заедница“, вели Петар Барлаковски, од Младинскиот образовен форум.

На денешната тркалезна маса насловена „Студентско (не)организирање – проблеми и идни решенија“, Барлаковски истакна дека за решавање на проблемот со студентското организирање нема голема заинтересираност и од самиот ректорат и факултети. Потсети и дека ЗВО беше донесен на 8 мај, и со месеци се пречекорени роковите и за носење на новите статути на универзитетите, но и за организирање на студентските избори.

Стефан Дојчиновски, поранешен дел од Студентски пленум, но и член на работната група за новиот ЗВО, потсети дека студентското организирање беше голем предизвик при работата на законот. Идејата била да се избегне можноста студентите се претставувани од невладина организација со која може лесно да се манипулира, како Студентскиот парламент.

„Проблемот беше во статусната определба на студентската организација. Таа, за разлика од СПУКМ кој беше невладина организација, сега треба да припаѓа на самиот универзитет“, рече Дојчиновски.

Професорот Владимир Петрушевски, забележа дека сегашното учество на претставниците на Студентскиот парламент (СПУКМ), во телата на универзитетот е противзаконско.

„СПУКМ имаат право да бидат организирани како невладина организација и тука завршуваат нивните права. Нивната одлука да продолжат со работа во Сенатот е ништовна, е спротивна на законот кој е донесен пред доволно време за да бидат пречекорени сите рокови каде тие можат да  очекуваат дека се уште некого претставуваат. За жал, јас сум еден од ретките кои вака мислат. Во нормална ситуација, Сенатот би бил тој којшто би им кажал ‘вие не можете веќе да претставувате никого, освен самите себе си’, а законот вели дека тука не се претставува човек сам себе, туку ги претставува студентите“, истакна професорот.

Тој забележа дека има сериозно непочитување на закони и правни акти.

„Ми се чини дека во секоја пригода, за овие прашања треба да се инсистира на вистината и на словото на законот“, рече Петрушевски.

На тркалезната маса беше претставена и новата интернет страница „Студентскисобранија.мк“, каде треба да се следат сите новини околу претстојните студентски избори и новото видео на МОФ во кое се прикажани основите на новото студентско организирање.