СПУКМ: Давор Поповски е новиот претседател, изборите се фер и демократски

Со 3 851 освоен глас, Давор Поповски од ФИНКИ е новиот претседател на Студентскиот парламент на УКИМ. Гласале вкупно 5 264 студенти, а неговиот конкурент од Медицинскиот факултет Стефан Василевски освоил 1 275 гласови, информираат од СПУКМ.

„Изборниот процес се одвиваше во фер и демократска атмосфера, каде што можност имаа студентите да го дадат својот глас и достојно да го изберат својот нов лидер. Во текот на изборот имаше тенденции за скандализирање на изборот од страна на Студентскиот пленум, кој е политички мотивиран, да направат упад во гласањето и да ги спречат студентите да го искажат своето демократско право на глас, што беше директен атак на слободата на студентското изразување“, се вели во соопштението на СПУКМ.

Тие сметаат дека членови на Студентскиот пленум насилно се однесувале за време на изнесувањето на гласачките кутии од Правниот факултет, за време на  пребројувањето на гласовите и за време на внесувањето на последните кутии во просториите на СПУКМ.

„Ваквиот начин на однесување сметаме дека не доликува на академски граѓани и на студенти кои треба да бидат авангарда и носители на иднината на нашата држава. Политички мотивираните насилни однесувања се одлика на оние кое сакаат да го уништат студентското движење“, соопшти СПУКМ.

Вчерашните избори на почетокот се одвиваа мирно, со повремени расправии помеѓу членови на Студентскиот пленум и Студентскиот парламент, во однос на нерегуларностите. Но, тензијата ексалираше на крајот од изборите, кога група на луѓе, за кои Пленумот мисли дека не се поврзани со УКИМ, ги грабнаа гласачките кутии од Правниот факултет и ги однесоа во СПУКМ. При тоа, имаше и помали инциденти.

За Пленумци овие избори се неважечки и побараа да се поништат, а ги повикаа и надлежните на УКИМ, заедно со ректорот, да се произнесат по ова прашање.

„Половина од кутиите не се ни стигнати, а би требало според новиот правилник да стигнат до канцелариите на СПУКМ“, изјави вчера Деа Здравковска од Студентски пленум.

Едно од видеата, до кое дојде Радио МОФ покажува точно како претставници на Студентскиот парламент со трчање ги носат гласачките кутии во Здравствениот дом, кој е во склоп на студентскиот дом „Кузман Јосифовски Питу“, велејќи дека така им било наредено.

Повеќе од 6 часа траеше блокадата на студентите, на влезот од просториите на СПУКМ. Во неколку наврати, претставници на Студентскиот парламент се обидоа да избегаат од задните влезови, но тоа им успеа дури 2 часот по полноќ. Претходно, студентите насилно беа избуткани надвор од седиштето на СПУКМ.

Пленумци вчера забележаа бројни недоследности на изборите, од недостиг на параван за анонимно гласање, печат на кој пишува 2015, до немање сериски броеви на изборните ливчиња. Гласањето се одвиваше на сите 24 факултети, со почеток во 9 часот, а заврши во 16 часот.

Поповски за време на трката ја имаше поддршката на седум матични факултети, но против него имаше покренато и онлајн петиција од негови колеги на ФИНКИ за да ја повлечи кандитатурата. Неговиот конкурент Василевски, пак, ја доби поддршката од шест матични факултети..

ДАВОР ПОПОВСКИ,КАНДИДАТ ЗА ПРЕТСЕДАТЕЛ НА СПУКМ: МОЈАТА ПРОГРАМА НУДИ РЕАЛНИ РЕШЕНИЈА ЗА ПРОБЛЕМИТЕ

[ИНТЕРВЈУ] СТЕФАН ВАСИЛЕВСКИ: ЈАС СУМ ЧОВЕК КОЈ ОДИ НА ГОЛЕМИ РАБОТИ И СУМ СПРЕМЕН ЗА ИЗБОРИТЕ НА СПУКМ