СПУКМ апелира да нема повеќе пожари во „Гоце“

СПУКМ апелира да нема повеќе пожари во „Гоце“Студентскиот парламент на Универзитетот ,,Св. Кирил и Методиј” издаде соопштение во врска со синоќешниот пожар во студентскиот дом „Гоце Делчев“, во кое се „апелира“ ова да не се повтори, а студентите „се охрабруваат“ да дадат повеќе информации за пожарот.

„СПУКМ изразува жалење за пожарот во студентскиот дом „Гоце Делчев“. Во пожарот нема повредени, ниту е предизвикана материјална штета на станарите во домот. Ние секогаш ги поддржуваме студентите и се грижиме за нивните права и интереси. Од полицијата што веднаш беше повикана, првичните информации укажуваат дека пожарот е причинет од човечки фактор, но се уште не постојат подетални податоци за идентитетот или поводот на причинителот.

Упатуваме апел ова да не се повтори никогаш повеќе. За таа цел, ќе побараме од надлежните да се зголеми безбедноста во домовите, со што нема повеќе да бидеме сведоци на вакви немили настани, кои постојано ја вознемируваат јавноста.

Студентскиот Парламент е секојдневно на терен помеѓу студентите и се грижи за правата и интересите на студентите сместени во студентските домови. Покренувањето на студентскиот стандард и потребата од промени кон подобро е врвен приоритет на СПУКМ. Ги охрабруваме студентите доколку имаат било какви информации за настанатиот пожар да соработуваат со надлежните“, се вели во соопштението на СПУКМ.