Спорни напредувања во академски звања го девалвираат високото образование

Надлежните институции не ги санкционираат спорните унапредувања, а луѓето што јавно ќе проговорат за тоа се соочуваат со откази и притисоци. Случајот со изборот на последниот ректор на државниот Универзитет по информатички науки и технологии „Свети Aпостол Павле“ во Охрид е парадигматичен пример за тоа како функционира високото образование, објави Призма.

Спорни напредувања во академски звања го девалвираат високото образование

Универзитетот по информатика „Св. Апостол Павле“ во Охрид, во 2009 година, во јавноста беше презентиран како прв од таков вид на Балканот, факултет со светско реноме со кој Македонија ќе се изедначи со современите информатички текови.

На изречно барање на премиерот Никола Груевски, летото 2008 година, Интернационален советодавен одбор го направи оригиналниот дизајн за Универзитетот. Во август проектот му беше претставен на премиерот, а Собранието го одобри, тврди еден од основачите, американскиот професор Питер Бок.

Денес, овој Универзитет го потресуваат скандали и станува парадигма за сите слабости на високото образование во Македонија: унапредувања без процедури, државна арбитража и отпуштање на професори кои протестираат поради нерегуларностите.

Во неполни четири години од своето постоење, овој Универзитет во Македонија менува тројца ректори. Откако поради здравствени причини се повлече првиот ректор, Благоја Самаковски, назначувањето на вториот, Данчо Давчев, предизвика повлекување на неколку странски професори, пишува Призма.

Документите до кои имаме пристап и сведоштвата на поранешните професори од овој Универзитет покажуваат дека назначувањето и на последниот ректор Нинослав Марина е спорно бидејќи не ги следи домашните законски процедури, но надлежните органи преку игнорирање или сопствено толкување на законските и подзаконските акти ја аргументираат исправноста на постапката.

Инспекторите утврдиле дека Марина за само пет години се искачил на највисокото академско скалило и станал редовен професор во спорна процедура на Универзитетот во Штип. На 10 април годинава, инспектори од Државниот просветен инспекторат ДПИ влегле во Охридскиот универзитет за информатика и почнале да го чешлаат купот документи за изборите во звања на ректорот Нинослав Марина.

Во записникот, до кој дојде БИРН, инспекторите констатираат дека тој е незаконски избран и за вонреден професор, што значи дека неговиот избор за ректор, всушност е направен со звање доцент, што е спротивно на законот.

„Изборот на д-р Нинослав Марина во вонреден и редовен професор на МИТ Универзитетот и Универзитетот „Гоце Делчев“ во Штип е спротивен на член 134 од Законот за високо образование во делот на рокови, за кои се врши избор на доцент, вонреден и редовен професор за време од пет години“, констатираат инспекторите.

Законот за високо образование пропишува дека откако еден академски работник ќе стане доцент, мора да почека пет години до следното скалило – вонреден професор. Ист е случајот со напредувањето од вонреден во редовен професор, каде е потребен петгодишен период.

Спорни напредувања во академски звања го девалвираат високото образование

Единствениот исклучок од ова правило е два института или катедри да поднесат барање за предвремен избор во звања и тоа под посебни услови. Во случајот со професор Марина, такви препораки не постојат.

Со самото тоа што Марина спротивно на закон е избран за вонреден, па за редовен професор на Штипскиот универзитет, не е јасно како воопшто станал ректор на охридскиот Универзитет за информатика, ако се знае дека исклучиво законски избран редовен професор може да биде ректор.

И покрај напорите да го добиеме ставот на ректорот Марина за тврдењата на неговите колеги од Универзитетот, како и за наодите од Државниот просветен инспекторат, тој сепак не ја искористи можноста неговата аргументација да биде застапена во истражувањето. Службата за односи со јавност, на Универзитетот во Охрид, тврди дека изборот на Марина во редовен професор на Универзитетот во Штип за наставно-научната област, информациони системи и мрежи не е спорна. „Изборот е извршен во согласност со сите законски норми и критериуми, со што легитимноста на професор д-р Нинослав Марина како сегашен ректор не се доведува во прашање“, ни одговори портпаролката на охридскиот универзитет“, Александра Дудиќ.

Инспекторатот констатирал дека освен Марина и дел од академскиот кадар кој предава на Универзитетот, а се претежно професори од странство, немале нострифицирани дипломи. Професор Братислав Станковиќ од истиот Универзитет во 2009 година станува доцент на охридскиот универзитет за информатика без нострифицирана диплома.

Само три години подоцна, а не пет како што налага законот, повторно на штипскиот универзитет, како и во случајот со професор Марина, Станковиќ е избран во наставно-научно звање вонреден професор. Братислав Станковиќ изјави за БИРН дека според измените на Законот за високо образование нема ништо спорно во неговото напредување, но немаше одговор како напредувал во звања пред да се случат законските измени.

„Имам информација дека решението на просветните инспектори е поништено од второстепена комисија на Министерството за образование“, ни рече Станковиќ, одбивајќи понатаму да коментира. И навистина, откако инспекторатот ги констатира неправилностите на државниот Универзитет за информатика во Охрид, изготви и решение со кое му наложи да ги отстрани.
Сепак, тоа не се случи. Иако со обврска да го спроведе решението во рок од осум дена, Универзитетот тоа не го прави и вложува жалба до второстепената комисија. Еден месец подоцна сите наредби на инспекторите Ѓорѓи Илиевски и Африм Саљиу паѓаат во сенка на второстепената комисија која изготвува ново решение.

Образложението на второстепената комисија е скудно. Во него се наведува дека „Комисијата ги ценеше приложените докази кон списите на предметот и им подари целосна верба дека од страна на Универзитетот за информатички науки и технологии „Свети Апостол Павле“ – Охрид, не се прекршени одредбите од Законот за високо образование. Хелсиншкиот комитет за човекови права наоѓа дека владината комисија недоволно се осврнала на констатираните неправилности на државните инспектори.

Решението на инспекторите е поништено во целост, а сепак не се дадени конкретни причини во делот на повредите за изборот на ректорот кои докази ги зела предвид Комисијата и утврдила дека во овој дел нема неправилности.
Инспекторите потпишани на записникот, во кој се нотирани нерегуларностите, не го оспоруваат решението на второстепената комисија. Практиката покажува дека речиси и нема случај кога инспекторите реагираат на наодите на второстепената комисија бидејќи станува збор за надредено тело кое ја контролира работата на инспекторите со право да ги поништи нивните одлуки.

Тоа тело е составено од претседател и два члена кои ги именува министерот за образование. Откако избувна скандалот со изборот на ректорот Марина, се појавија шпекулации за, наводна, негова роднинска врска со тогашниот министер за образование Панче Кралев, поради тоа што неговата сопруга потекнува од истиот град.

Подоцна овие шпекулации се покажаа како невистинити. Министерот Кралев ни изјави дека тој не е во роднинска врска со професор Марина и се воздржа од понатамошен коментар за случајот, упатувајќи на наодите на државниот просветен инспекторат.

Самоил Малчески од Универзитетот за информатика во Охрид тврди дека законот е прекршен многу пати и сè повеќе се крши и дека во тоа учествувале и претходниот и сегашниот министер за образование и наука, Државниот просветен инспекторат како и Второстепена комисија при Министерство за образование и наука и сите институции кои се надлежни да реагираат.

„За сето ова да се случува мора се работи за некоја силна роднинска или пријателска врска, со некој од владејачката структура, која има длабоки корени. Друго логично објаснување не постои“, вели Малчески.

Со оглед на спорните напредувања извршени на Универзитетот во Штип, назначувањата на Универзитетот во Охрид, а и медиумските извештаи за слични случувања и на државниот Универзитет во Тетово, врз основа на Законот за слободен пристап до информации, ги побаравме решенијата и записниците од извршените инспекциски надзори последните две години на овие три државни Универзитети, но се соочивме со молк на администрацијата и по истекот на законскиот рок од 30 дена.

Прочитајте го целото истражување на Призма на следниот линк.

Автор: Мирослава Симоновска