„Спорни места“ – изложба на Гвијанг Хванг и Оливер Мусовиќ во Монтажна галерија

Изложбата „Спорни (Оспорени) места“ на уметниците Оливер Мусовиќ и Гвијанг Хванг ќе се одржи вечерва, со почеток од 20:30 часот во Мобилната/Монтажна галерија во Паркот на франкофонијата.

Овие уметници ги истражуваат просторните политики во специфичните контексти на три града – Скопје, Сеул и Лос Анџелес.

„Тие се впуштаат во уметничко истражување на забележаните практики и стратегии на употреба и злоупотреба на урбаниот простор и земја – од импровизирани комунални (зеднички) простори, програми за отстранување на улични графити, герила градинарство, па до “urban decay” (урбано пропаѓање), нелегално запоседнување на земјиште и земјишни спорови“, стои во најавата за настанот.

Гвијанг Хванг е родена 1983 година во Масан, Јужна Кореја. Дипломирала скулптура и комуникации на Сеулскиот национален универзитет. Магистрирала на Калифорнискиот институт за уметност во 2012. Имала самостојна изложба во Commonwealth and Council во Лос Анџелес. Учествувала и на групни изложби, вклучувајќи ги и “Authenticity” во 2012, “Hexenhaus” во 2013 во Лос Анџелес, мултимедијалниот фестивал “Hi Squirrels” во 2014 во Даегу, Кореја.
Праксата на Хванг се состои од теренската работа и перформативни интервенции во урбан пејзаж.

Оливер Мусовиќ е роден 1971 година во Скопје. Дипломирал на Факултетот за ликовни уметности во Скопје во 1997, каде што и магистрирал во 2004. Самостојно изложувал на 15-тина изложби во Македонија, Швајцарија, Словенија, Србија, Австралија и Црна Гора.

Учествувал на бројни групни графички изложби и изложби на современа уметност низ целиот свет, меѓу кои позначајни се „Последици – Менување на културниот пејсаж, Тенденции на ангажирана пост-југословенска современа фотографија“, Љубљана и низ Европа во 2014-14, “History, Memory, Identity: Contemporary Photography from Eastern Europe”, Модена, 2009; Букурешкото биенале, 2008; Солунското биенале, 2007; „Во Балканските клисури“, Касел, 2003, Европско биенале на современа уметност – Манифеста 4 во Франкфурт, 2002, како и на Истанбулското биенале, 1999. Учествувал и на неколку резиденцијални престои во Кореја, САД, Франција и Швајцарија.