Спорна е еколошката дозвола за проектот Бошков мост

Легалноста на еколошката дозвола за проектот Бошков Мост е доведена во прашање откако Управниот суд го поништи решението на Државна Комисија, за одлучување во управна постапка, со кое се одбива жалбата против издадената еколошка дозвола за проектот, се вели во реакцијата на еколошкото друштво „Фронт 24/42. Еколошката дозвола за Бошков Мост , односно за проектот за изградбата на 68 MW хидроелектрана во Националниот Парк Маврово, ја издаде Министерството за животна средина, во 2012 година.

„За Судот не постојат докази дека во издавањето на еколошка дозвола за ХЕЦ „Бошков Мост“ била целосно запазена постапката согласно Законот за животна средина. Судот потврди дека фактите се нецелосно и погрешно утврдени и дека во постапката не се водело сметка за правилата на постапката. Имајќи го ова предвид ја поништи одлуката на Државната Комисија во врска со жалбата поднесена против решението со кое се издава еколошка дозвола за проектот ХЕЦ „Бошков Мост“ и го врати предметот на повторно постапување,“ изјави Александра Бујароска од Фронт 21/42.

 

„Видно од списите од предметот, за судот е нејасно како Државната Комисија прифатила дека првостепеното решение е донесено согласно закон и дека пред донесувањето претходела целосна и детална постапка и дека биле прибавени сите докази“, стои во пресудата на Судот.

Судот констатирал дека Министерството за животна средина требало да донесе решение за еколошка дозвола врз основа на комплетна студија за оцена на влијанието врз животната средина (ОВЖС), извештај за соодветност на оваа студија и исходот од консултациите со јавноста, што всушност не било случај. Дополнително, Министерството требало во решението да ги наведе конкретните мерки за спречување, ограничување, ублажување или намалување на штетните влијанија, како и мерките за зголемување на поволните влијанија врз животната средина како резултат на спроведувањето на проектот.

„Интересно е да се забележи дека во 2013 година, независниот експерт при Механизмот за жалби на Европската банка за обнова и развој која финансиски го поддржува овој проект објави наоди со кои потврдува дека еколошката студија за Бошков Мост не е комплетна бидејќи во неа недостасуваат значајни податоци. Експертот потврди дека при одлучувањето за финансиската поддршка за проектот, Банката ги прекршила своите еколошки процедури“ изјави Ана Чоловиќ Лешоска од Еко-свест.

За еколошката дозвола за Бошков Мост се води уште една управна постапка. Имено, спротивно на Законот за животна средина, валидноста на спорното решение за проектот Бошков Мост во 2014 година беше продолжена од страна на Министерството за животна средина. За ова прекршување, во јуни 2015 година е покрената уште една жалбена постапка пред Државната Комисија Проектот ХЕЦ „Бошков Мост“ се најде и пред Бернската Конвенција во 2015 година, кога беше усвоена препорака за стопирање на сите планирани проекти во Националниот парк Маврово.“