Според најново истражување, кравите зборуваат за своите чувства преку мукањето

Според истражувањето на Универзитетот во Сиднеј, кравите имаат индивидуални вокални карактеристики и го менуваат нивниот тон во зависност од емоциите.

„Кравите се друштвени, социјални суштества. На некој начин, воопшто не изненадува фактот дека тие развиваат свој индивидуален идентитет во текот на животот. Ова е прв пат да го анализираме нивниот глас за да имаме доказ за оваа карактеристика“ – изјавила Александра Грин, главниот автор на истражувањето.

Истражувањето покажува дека преку гласот, кравите си помагаат при воспоставување контакт со стадото и изразуваат среќа, стрес, разбирање и сексуална возбуда.

„Сите крави имаат различен тон на гласот. Можам да кажам која крава од стадото вреви само според гласот“ – дополнила Грин. Таа ги снимала и анализирала нивните мукања за да процени колку животните биле среќни или возбудени во одредена ситуација.

За истражувањето на Универзитетот во Сиднеј , кое е објавено во „Scientific Reports“ беа анализирани и тестирани 333 примери од кравји вокали.

„Истражувањето на Александра е навистина инспиративно. Таа, на некој начин, изработи „гугл превод“ за крави“ – искоментирал Камерон Кларк, вонреден професор на Универзитетот.

Грин се надева дека нејзиното истражување ќе им помогне на фармерите да се вклучат во емоционалната состојба на добитокот и притоа ќе им ја подобрат благосостојбата на животните.

Студија во 2018 година открила дека животните комуницираат меѓусебе на сличен начин како луѓето. Дијалошката форма на разговор до неодамна беше перцепирана како една од карактеристиките што го разликуваат човечкиот јазик од животинската комуникација, но истражувањето на Грин докажа дека оваа карактеристика постои и во животинското царство.

Извор: Guardian