Споделување на успешни приказни на средношколци кои направиле промена во својата заедница

На 14 мај (сабота) во Кино Култура, осум тима на средношколци кои во рок од три месеца реализираа граѓански иницијативи и поттикнаа позитивна промена во своите заедници, ќе добијат можност да ги споделат своите успешни приказни со присутните во публиката и жири- комисијата.

Средношколците ќе ги раскажат своите приказни за граѓанските акции и ќе ги инспирираат другите млади дека, иако патот до проманата не секогаш изгледа лесно и едноставно, со упорност, посветеност и јасна визија, активизмот секогаш придонесува кон општествени промени и подобрувања.

Настанот насловен како „Активирај се!“ ќе започне во 12 часот, во Кино Култура.

„Сите присутни на настанот ќе имаат можност да гласаат за една од осумте граѓански акции и да се убедат дека секој може, умее и треба да биде дел од промената во нашата заедница“, стои во поканата за настанот.

„Млади информирани, млади активирани!“ е партнерски проект на Студентската организација ИЗЛЕЗ, ЗГ Младите Можат – Скопје, Асоцијација за здравствена едукација и истражување ХЕРА и Центар за меѓукултурен дијалог – ЦИД. Проектот се спроведува во рамки на Проектот на УСАИД за граѓанско општество, кој го реализира Фондацијата Отворено Општество Македонија – ФООМ.