„Сподели ја твојата ковид приказна“ – Британскиот совет ги повика младите да ги раскажат своите грижи и потреби

Британскиот совет ги повикува младите на возраст од 18 до 29 години да им испратат двеминутно видео во кое ќе ги опишат нивните искуства, грижи и потреби поврзани со Ковид-19.

„Кажи ни што сакаш – зборувај за себе, за твоите пријатели, за пошироката заедница или за организација; кажи ни што мислиш за ковид-19! Потребна ни е твоја помош за да креираме прашалник кој целосно ги рефлектира твоите потреби и грижи поврзани со ковид-19, за да спроведеме истражување и да ги претставиме наодите од истражувањето до пошироката јавност. Ова ќе и помогне на твојата генерација да влијае врз владите, невладините организации, донаторите, универзитетите, бизнисите и пошироката заедница – за да ја добиете потребната поддршка“, стои во повикот.

Овие информации ќе им помогнат да ги утврдат темите што навистина им значат на младите, за да креираат нов прашалник, да спроведат истражување на репрезентативен примерок и да ги презентираат резултатите од тоа истражување.

„Особено ги охрабруваме да се пријават младите со различно општествено потекло (млади во рурални области, младите кои не работат и не се дел од некоја програма за обука или едукација, ЛГБТИ, припадници на различни етнички илирелигиозни заедници, млади со попреченост и други)“, се наведува во повикот.

Британскиот совет од неодамна го започна младинското истражување за влијанието на пандемијата, како дел од нивната програма за унапредување на улогата на науката во општеството.

Анкетата е предводена од младите. Применува пристап на „волонтерска наука“ (engl. citizen science) со целосно учество на младите во текот на целиот процес на истражување.

Краен рок за учество е 25 октомври. Повеќе информации на следниот ЛИНК.