Списанието за одржлив развој „Лице в лице“ отсега достапно и онлајн

Како одговор на кризата предизвикана од пандемијата од Ковид-19, списанието за одржлив развој „Лице в лице“ отсега е достапно и онлајн, со цел преку електронската продавница да ги поддржи продавачите на единственото улично списание во земјава- чија мисија е економско и социјално зајакнување на ранливите групи.

Продавачите од градовите каде што се продава списанието односно, Скопје, Струга, Неготино, Битола, Куманово, Тетово, поради пандемијата, беа принудени да ја сменат својата динамика на продажба, што, пак, сериозно, се одразува на нивната егзистенција и инклузија.


„Сведочиме дека кризните ситуации спојуваат. Tие се лакмус за манифестација на нашата отвореност и грижа за другиот. Дел од продавачите на „Лице в лице“ се на своите работни места, во согласност со препораките, но, дел од нив, оние кои припаѓаат на ризичните групи (лицата со хронични болести и лицата со попреченост) не можат да им се придружат на своите колеги во продажбата на улица. Затоа, нашиот повик до јавноста е да ни се приклучи во акциите кои ќе значат онлајн купување од продавачите, и имаат за цел да овозможат секој од нас да биде активен учесник во промените“, велат од тимот на „Лице в лице“.

Онлајн продавницата на „Лице в лице“, нуди можност читателите да купат актуелно издание или пак да направат годишна претплата, и за печатено и за електронско издание, по избор.

Преку дигиталната платформа, достапна е и новата е-продавница, од која може да се нарача печатено издание од списанието.

Кристијан Марковски е еден од продавачите на „Лице в лице“ кој претставува супер пример за тоа како технологијата се користи за добро, за работа.

„Преку е-продавничката на „Лице в лице“ имам можност да работам, да продавам и да заработувам, но, и многу лесно да следам каде и кога е потребно да го испратам списанието“, вели тој.

Кристијан Марковски

Инаку, продавачите на уличен печат ширум светот се во иста ситуација. Одговорот на секое улично списание е различен, според околностите и можностите. Но, предизвиците се исти, глобални. Повеќето од нив стартуваат повици за донации, социјални фондови, повик на поинтензивна претплата, а потоа делење и на шопинг ваучери до продавачите, соработка со книжарници и достава заедно со книги, онлајн изданија и претплата, креирање на двоброј на своите изданија.

„Лице в лице“ е списание за одржлив развој, кое излегува во Македонија од септември 2012 година, и го промовира моделот на социјално претприемништво.

Продавачи на списанието кое што ги поттикнува компаниите на општествена одговорност, а преку темите што ги пласира се грижи за подобрата иднина на маргинализираните групи, како и за јавниот простор и животната средина, се претставници од најранливите слоеви во општеството, кои се обучуваат за продажба од страна на тим на платформата „Лице в лице“. Половина од сумата на списанието oди за продавачот, а половина за печатење и за активности кои го подобруваат животот на маргинализираните групи.

Промовирајќи го моделот на социјално претприемаштво, списанието врши двојна улога – ги засилува ранливите категории граѓани, но, и ја подигнува јавната свест за прашања што нѐ засегаат сите нас – социјална вклученост, социјална политика, демаргинализација на групи и на поединци, образование, еколошка свест, културен развој, активизам во уметноста и во културата, општествена одговорност, волонтерство, кои се и дел од темите што се во фокусот на интерес на списанието.