Спировска: Институциите задоцнија со подготовка на онлајн наставата

Дефинитивно се доцни, и со тоа што се одложи учебната година за еден месец укажува на тоа дека не бевме подготвени, вели Стефани Спировска, претседателка на Младински образовен форум (МОФ) во неделното интервју на Радио Слободна Европа.

Според истражување на МОФ, средношколците сметаат дека далечинското учење од почетокот на пандемијата влијаело негативно врз квалитетот на образованието. Оттука, Спировска вели дека учениците се незадоволни од начинот на којшто се спроведе онлајн или далечинското учење, меѓутоа од разговорите со нив, вината е лоцирана кај неподготвеноста на професорите.

„Идејата, сама по себе, беше во ред за условите во коишто се имплементира, меѓутоа фактот што не инвестираме во професорите години наназад, што не се обновуваат нивните вештини, нивната дигитална писменост и слично, сега излезе повеќе од кога било на површина и резултираше во незадоволство кај учениците. Ние очекуваме дека ќе има некакво подобрување, поради тоа што еве изминаа четири месеци во коишто можеа целосно да се подготвуваат професорите и институциите, вклучително со распустот, а ако земеме и дополнителните три месеци во кои траеше пандемијата, тоа се повеќе од пола година време во кое можеше да се најде решение. Претпоставувам дека ќе има некакво поместување и се надевам дека и надлежните работеле на оние проблеми кои и ние ги лоциравме како организација“, вели Спировска.

На платформата Едуино, засега има само видео материјали за основно образование, но не и средношколците. На прашањето дали институциите задоцнија со подготовката на онлајн настава, иако здравствените влади подолго време најавуваат вложување на пандемијата наесен, Спировска одговара:

„Кај нас генерално, во нашиот образовен систем, постои проблем на нееднаков пристап до образование ако се споредат различни средини една со друга, тоа постои меѓу различни градови, особено меѓу урбана и рурална средина, во нормални услови, а сега со неподготвеноста на онлајн платформата и неподготвеноста на целата ситуација која не снајде, излезе на површина повторно неподготвеноста за се обезбеди еднаков пристап за сите ученици. На почетокот, во март, април, кога започна кризата, беа достапни уште помалку ресурси и тоа го знаеме од нашата работа со ученици, со средношколци, дека едвај кои материјали можеа да ги најдат и едвај кои материјали беа подготвени за следење на настава. Дефинитивно се задоцни, затоа што ова не е нешто кое што не знаевме дека ќе се случи. Штом сите ние знаевме дека наставата ќе продолжи онлајн сигурно институциите знаеле пред нас. Претпоставувам дека сега се прават напори и од она што ние како организација го знаеме, меѓутоа дефинитивно се доцни и само тоа што се одложи учебната година за еден месец укажува на тоа дека не бевме подготвени да се соочиме со ова“.

Спировска во интервјуто потенцира дека покрај овие ученици во стручната настава, тука се и сериозен број на ученици со попреченост, кои имаат потреба од образовни асистенти. Исто така, меѓу другото, како приоритети за реформа во обрзованието истакнува дека дефинитивно мора да има осовременување на материјалите и да добиеме програми коишто ќе ги поттикнуваат учениците да размислуваат критички.

Целото интервју може да го видите ОВДЕ.