Спиро Ристовски: Екстерното тестирање успешно, првите резултати во петок

„Целта на екстерното тестирање е постигната. Процентот на отстапки од планираното е релативно мал, што ни дава за право да го оквалификуваме процесот како успешен. Очекувам дека од следната учебна година овој процес ќе стане рутински во сите училишта и за сите засегнати страни“, изјави денеска министерот за образование и наука Спиро Ристовски.

Тој на прес-конференција, придружуван од заменикот, државниот секретар и од директорите на органите на МОН, им се заблагодари на сите учесници во спроведувањето на екстерното тестирање, за кое посочи дека е реформа што ќе го зголеми квалитетот на образованието во Македонија.

– Секоја реформа која засега поголема популација наидува на различни реакции. Но, јавно ги уверувам сите оние кои од самиот почеток го поддржуваа екстерното оценување, како и оние коишто ја оспоруваат неговата имплементација, валидност и значење, дека секој проект што го спроведува Владата е за добробит на сите граѓани. Ефектите од некои од нив се видливи на краток рок, но некои ефекти се видливи подолгоорочно. Таков е и исходот од екстерното оценување за  кое сум цврсто убеден дека ќе биде стожер и основа за создавањето на европски образовен систем во Република Македонија, вели Ристовски.

Тестирањето на 193.176 ученици, со кое се оценува колку наставниците се објективни во вреднувањето на нивните знаења,  беше прво оваа година и се спроведе од 27 мај до  8 јуни.

Првите резултати во петок на 14 јуни, ќе ги добијат одмоодделенците зашто на 24 јуни ги очекува првото пријавување во јунскиот испитен рок за запишување во средните училишта.

Останатите ученици резултатите ќе ги добијат од 17-ти до 21 јуни. Тогаш ќе биде и втората сесија од екстерното тестирање за околу 15.000 ученици кои од оправдани причини не беа тестирани во првата сесија. Мал процент ученици или одделенија ќе бидат тестирани вторпат поради неправилности кои биле утврдени од просветните инспектори, кои во текот на процесот извршиле 320 надзори на училиштата.

Извор: Канал 5