Спиеја во автобуси, тренираа по паркинзи и освојуваа медали за Македонија

Жарко Ристоски пред три години стана селектор на македонската одбојкарска репрезентација. По 20 години успешна клупска и репрезентативна кариера, повикот повторно да се бранат боите на државата за него претставувало посебна чест.

ППрофил Жарко Ристоскиод негово водство одбојкарите остварија историски успех. Три сребра и бронза на трите финални турнири  од Европската лига по ред, второ по квалитет национално годишно натпреварување во одбојка по Светската лига. Ристоски два пати беше прогласен за најдобар селектор во македонскиот спорт, а репрезентацијата стана хит во одбојкарска Европа.

И кога работите наизглед одеа во добар правец, Ристоски пред три недели даде оставка. Причината, вели, не биле парите, затоа што 25 години давал сè од себе репрезентацијата без пари. Не биле во прашање ни обврските со новиот клуб, бидејќи и претходно работел истовремено и во странство и за репрезентацијата, често и на негова штета – бил
казнуван за тоа од клубовите. Не смета ни дека го постигнал максимумот – тврди дека овие момци можат уште повеќе.

Се работело за сè што се случувало пред и после секој меѓународен меч.

„Третманот на репрезентацијата не беше на задоволително ниво. Недозволиво е репрезентација да нема каде да направи тренинг, или да тренира на 35 степени, да нема опрема и реквизити, каде да се истушира. Очекував дека овие проблеми ќе се надминат со добри резултати. Резултатите дојдоа, ама условите останаа исти. Таков третман не заслужуваат одбојкарите“, зборува Ристоски.

МАКЕДОНСКИ „СПАРТАНЦИ“

Три години патувале на натпревари само со автобус. За да стигнат на завршниот турнир во Полска минатата година поминале 36 часа во возење, добар дел од патот без клима. Како тоа да не било доволно, автобусот им се расипал и морал да се сервисира. Кога сите очекуваа дебакл, одбојкарите го освоија второто место.

„Беше многу фрустрирачки, многу тешко. За еден месец поминавме 8 илјади километри со автобус. Тој месец ќе го паметам засекогаш. Како убав резултатски спомен, но и поради сите маки низ кои поминавме. Многу непроспиени ноќи. После секој меч бевме принудени веднаш да се враќаме назад. Репрезентативците немаа време за одмор, тоа време го поминуваа во автобус. Правевме паузи, земавме топка и репрезентативците играа на паркинзи за да се размрдаат. Резултатот кој го направија после се што поминаа е неверојатен“, вели Ристоски.

Оваа година и покрај бројни откажувања, го повторија успехот во Варна, Бугарија. Повторно 700 километри со автобус. Повторно финале.

https://www.instagram.com/p/BGaU7AYHhAJ/

Во трите години, додека Ристоски беше селектор, репрезентацијата одигра само две пријателски натпревари. Официјалниот натпревар против Израел го играа во Спортскиот центар Борис Трајковски без климатизација, на 40 степени. „Некој од играчите можеше да се онесвести“, вели Ристоски. Постојано тренирале во различна сала. Во претопли или ладни услови. Доаѓале во сали во кои некој друг веќе прави тренинг.

„Имаше ситуации кога не ги одработувавме тренинзите бидејќи секогаш некој друг имаше приоритет пред македонската репрезентација. Следниот ден не праќаат на друго место. Во сали во кои димензиите се нестандардни, кои се нечисти или кои имаат бетонски под. Ние никогаш не баравме кој знае што, само основни услови за работа. Дефинитивно постоеше голем револт. Но на крајот, секогаш преовладуваше желбата да се бранат боите на државата“, раскажува.

Често на одбојкарите им било преку глава од условите, но опцијата секогаш била – или прекинуваме и не играме – или продолжуваме и забораваме на сè. Повеќето од нив продолжуваа да поминуваат низ истото како би ја претставувале земјата. Така го добија и прекарот „спартанци“. „Да беше некој друг на нивно место не би го издржал тоа што го поминаа“, вели поранешниот селектор.

ГИ ОСВОИЈА СРЦАТА НА ПУБЛИКАТА

Ристоски вели дека професионалноста на одбојкарите и нивното другарство било пресудно за успехот. Тој внесе некои промени во начинот на подготовка за натпреварите, но мотивацијата пред сè доаѓала од гордоста да се игра за својата земја. Репрезентацијата ја водел без договор и без плата. Сам ги покривал и патните трошоци, заработувајќи за живот тренирајќи екипи на Кипар.

„Целата моја кариера во репрезентацијата никогаш не сум побарал пари или награди, туку тоа сум го работел поради честа и задоволството да ги бранам боите на мојата држава. Чувството да се биде дел од репрезентацијата и да се пее химната е гордост“, посочува тој.

Одбојкарите не добија никакви награди и дневници. „За најголемиот тимски успех во Македонија добивме сокчиња. Срамота!“ напиша на социјалните мрежи репрезентативецот Ѓоко Јосифов, по ланскиот прием поради освоеното второ место, во Агенцијата за млади и спорт.

Ѓоко Јосифов, фејсбук статус по успехот пред една година

Во нивната одбрана единствено застана македонската јавност. Борбеноста, залагањето и одличните игри ги освоија срцата на публиката. Одбојкарите од натпревар во натпревар беа позитивен пример како чесно треба да се настапува за државата.

„После сè, најголема сатисфакција ни е што народот го препозна успехот на оваа репрезентација. Одбојкарите ги запираат на улица ги поздравуваат и им велат „секоја чест“. Тоа е нашата награда, тоа е нашата храна, тоа е нашето богатство“, вели Ристоски.

ЦРНА ДУПКА ВО ИДНИНАТА НА ОДБОЈКАТА

Со Ристоски разговаравме во неговото родно село Лешок. Овој регион околу Тетово имаше неколку силни екипи кои веќе не постојат. Македонското одбојкарско првенство од две лиги, спадна на шест екипи во првата лига, од кои повеќето работат на аматерско ниво.

Ристоски на теренот каде ги направил првите одбојкарски потези.

Не сака да вперува прст во виновниците за ситуацијата во која се наоѓа репрезентацијата и македонската одбојка генерално, но вели дека одговорните институции мораа да си го постават прашањето зошто таа пропаѓа. Неговата оставка е, вели, чекор за подобри услови и третман на репрезентацијата и одбојкарите. Потребни се нови луѓе кои би се вложиле во афирмација на спортот и развојот на младински академии. Ако нешто брзо не биде променето, Ристоски вели дека македонската одбојка ја очекува црна иднина.

„Мислам дека функцијата ја вршев професионално и задоволен сум од постигнатото. Но на прашањето – дали другите ја сработиле својата задача, не сакам да коментирам. Други нека судат за тоа. Со вакви успеси жално е да продолжи истиот третман. Ако играчите, кои сега ги имаме, не се искористат следните две-три години, ќе биде доцна. Не чека црна дупка на дефицит од млади играчи кои доаѓаат“, предупредува.

Од ова лето својата кариера ја продолжува во швајцарскиот прволигаш Шоневерд. Се надева дека одбојкарите ќе ги продолжат успесите и ќе се пласираат на европско првенство. Во иднина би се вратил да помогне со своето искуство и знаење да помогне на репрезентацијата на Македонија, но во некои подобри времиња, кога играчите би го добиле третманот кој го заслужуваат.

Даниел Евросимоски

*Текстот е првично објавен на сајтот на Ал Џазира Балканс и е адаптиран од авторот за Радио МОФ.