Специјална шарена програма за специјално 10. издание на „Д Фестивал“

Лека полека се финализира главната програма на летниот „Д Фестивал“, кој од 3 до 5 јули по 10-ти јубилеен пат ќе се одржува во Дојран.

Веќе е најавена Алис Мертон, пејачка која со првиот сингл „No Roots“ за рекордно време достигна милион преслушувања и се искачи на светските топ листи.

„Скромен, искрен, лојален, автентичен“. Вака пак е најавен Ки-Мани Марли, синот на познатата реге икона Боб Марли, кој почнува да се интересира за музика уште во своите рани тинејџерски години. Многупати е наречен „уметник без граници“. Преку познатите „Ghetto Soldier”, „Dear Dad“, „I Pray“, „Rasta Love“, „I Got You“ и многу гдруги, во јули тој ќе ја раскаже својата уникатна животна приказна.

Гостува и германското електронско дуо Бука Шејд. Формирано од Волтер Мерцигер и Арно Мамермиер, се работи за едно од најпрочуените дуа кои произлегле од Европа во последниве две декади.

Марки Рамоун е уште едно од имињата на музичкото мени на јубилејниот „Д Фестивал“. За него доволно е да се знае дека 15 години поминува свирејќи тапани во легендарниот бенд „Ramones“.

Исто така, ќе гостува Дардан Алиу, диџеј и продуцент од Косово, насекаде познат по неговото уметничко име – Регард, но и хрватската селектро-поп сензација „Свемирко“. Организаторите за нив велат дека „понекогаш емо-мачо, малку авангардни, а сосема нормални е нивниот рецепт за незаборавен настап“.

Фестувалот ќе биде надополнет и со „Репетитор“, рок/пост-панк трио од Белград, познати по своите возбудливи настапи во живо. Нивната музика е мешавина од хеви рокенрол и пост-панк звуци, секогаш одлично спакувани во енергичен и суров перформанс. „Партибрејкерс“ веќе добро ги знае македонската и регионалната публика. Се работи за едни од највлијателните артисти на екс-ју рок сцената.

Трансерите, журкаџиите и сите фестивалџии ќе имаат можност да го чујат Астрикс. Од организаторите е најавен како „уникатен феномен во светот на транс музиката“.

Во музичката програма има домашни артисти како култните металци „Санаториум“, формирани уште во 1987 година, раперот ЛД Пистолеро кој ја започна кариерата во „Легијата“, а најавена е и Телемама – уметница чија работа може да се позиционира некаде на пресекот меѓу поезијата, технологијата и музиката.

„Д Фестивал“ ќе биде летно гнездо и за славејчињата од „Златно славејче“. Познато е дека, од создавањето па се до денес, секој 13-ти ноември, на роденденот на слободата на Скопје, се одржува најстарата музичка манифестација за деца во нашата земја – „Златно славејче“.

Од „Д Фестивал“ објавија и повик за учество во креирањето на 10. издание. Односно, можат да се пријават сите оние што имаат идеја за арт-инсталација, за да ја збогатат музичката програма, некои што имаат моден бренд или цртаат илустрации за ПлоштАрт маркетот, потоа индивидуалци и невладини да се пријават и да го креираат ПлоштАрт, или пак да ги забавуваат посетителите со уметнички перформанс.

Повеќе инфо за фестивалот и влезниците тука