Спасовски: Западнобалканската рута за мигранти се уште активна

Западнобалканската рута иако со помал интензитет се уште е жива, изјави министерот за внатрешни работи, Оливер Спасовски за време на дипломатскиот брифинг на Регионалната иницијатива за миграција, азил и бегалци.

Тој вели дека по официјалното затворање на рутата, се појавиле голем број криумчари на мигранти и се почесто мигрантите се нивни жртви, а неретко се жртви и на трговија со луѓе.

Според него, проблематиката е виско на агендата на МВР, како и на ЕУ и на сите регионални и меѓународни организации. Спасовски посочи дека ЕУ го идентификува Западен Балкан како влезна порта за мигрантите.

Западен Балкан се соочи со огромен прилив на бегалци во 2015 година, кога 1,1 милион луѓе минаа низ балканската рута во 2015 и 2016 година. Меѓу 800.000 и еден милион лица транзитирале низ Македонија, при што околу 200 од нив побарале азил во земјата.