Спасени животните од „Зоолошката од пеколот“ во Албанија по објавени фотографии во „Дејли Мејл“

Албанската полиција ги спаси изгладнетите и болните животни, откако министерот за туризам ја видел сторијата за „Зоолошката од пеколот“ на интернет страницата на британскиот „Дејли Мејл“.

Медиумот објави шокантни фотографии од приватната Зоолошка градина „Сафари Парк“ во Фиер, во југозападна Албанија, на кои се гледа како животните се наоѓаат во многу лоши услови и изгледаат болно и изнемоштено.

Фотографиите покажуваат изгладнет лав, кој очигледно има некаква инфекција на окото, преслаб волк и зебра и неколку срни кои се затворени во мали и валкани бетонски кафези.

Телевизијата Топ Ченл пренесе дека албанскиот министер за туризам и екологија, Бленди Клоси, наредил животните да бидат спасени откако ја видел сторијата на „Дејли Мејл“.

„Како одговор на вестите, објавени во „Дејли Мејл“ и повеќе пораки за несоодветните услови во кои живеат дел од животните во приватната зоолошка во Фиер, наредив итна акција на еколошкиот инспекторат, кои заедно со полицијата од Фиер и Асоцијацијата за заштита на животни одлучиле да ги пресели животните за да ги заштити“.

Фотографиите биле направени од анонимен фотограф кој сакал да ги прикаже условите во зоолошката градина. Според него, ветеринарите кои го ја посетиле зоолошката градина ги опишале условите како „едни од најлошите за животни кои некогаш ги виделе“.