Спас за Валандово: Пристапуваме кон радикални мерки доколку не се прифати иницијативата за гласање за референдум

Граѓанската иницијатива Спас за Валандово реагира на одбивањето на претседателката на Општинскиот совет, Јасминка Сечкова, да ги уважи 2000-те собрани потписи од граѓани за признавање на иницијативата, со која валандовчани бараат повторно да се гласа за распишување на референдум. Нивната реакција ја пренесуваме во целост.

Југоисточниот дел на Македонија моментално се наоѓа пред одлучувачки момент за тековниот и идниот развој на регионот.

Граѓаните од регионот се како никогаш досега обединети против развој на нашето поднебје со рудници – Г1 тешка и загадувачка индустрија. Советите на општините Гевгелија, Богданци, а денес и Дојран донесоа демократска одлука да дозволат на граѓаните по пат на референдум во овие општини да го дадат својот глас по ова прашање.

Во исто време, мнозинството на Советот на Општина Валандово, на претходната седница се огласи како воздржано по точката на распишување на референдум во Општина Валандово каде граѓаните ќе го дадат својот глас по прашањето на развојот на општината со рудници – Г1 тешка и загадувачка индустрија.

Поради тоа, следејќи го Законот за референдум и други облици на граѓанско изјаснување, иницијативата Спас за Валандово во понеделникот, на 8ми мај, приложи кон Претседателот на Советот на Општина Валандово речиси три пати повеќе потписи од законски потребните 100 (приложивме 256 потписи) кои беа собрани во временски рок од 3 часа.

Претседателот на Советот на Општина Валандово не достави официјален одговор во законскиот рок од три дена на предлог иницијативата за собирање потписи за референдум на иницијативата Спас за Валандово – Spas za Valandovo – SOS, и со тоа, според член 76 од законот за референдуми смета дека предлогот е неуреден.

Вечерва во 20 часот и 30 минути, Советот на Општина Валандово ќе има седница на која ќе разговара под неколку точки, меѓу кои и за ‘неуредноста’ на иницијативата и покрај добиениот записник за легитимност на граѓанската иницијатива од страна на Државната Изборна Комисија.

Како граѓани, согласно со Законот за Локална самоуправа, Статутот на Општина Валандово и Деловникот за работа на Советот на Општина Валандово, имаме право на присуство на оваа седница, и вечерва ќе се повикаме на тоа право со приложување на Барање за присуство до Претседателот на Советот на Општина Валандово.

Го повикуваме Претседателот на Советот на Општина Валандово да ни го овозможи ова право, а воедно ги повикуваме и советниците на Советот на нашата општина да донесат одлука во интерес на граѓаните на оваа седница. Ги повикуваме и сите граѓани на Валандовската општина како и целиот југоисточен регион, и медиумите, будно да го следат целиот овој процес.

Уште еднаш навестуваме дека доколку Советот на Општина Валандово не донесе одлука во интерес на граѓаните, ќе пристапиме кон радикални мерки и ќе ги искористиме сите демократски инструменти кои ни се на располагање во моментот за гласот на граѓаните да биде слушнат.

Граѓанска иницијатива – Спас за Валандово