Иницијативата Спас за Валандово реагира на Уставниот суд која ја поништи одлуката Советот на Општина Гевгелија, со која се распиша и одржа референдум против, како што велат, рудниците на смртта.
Реакцијата на иницијативата ја пренесуваме во целост:
Канадската компанија „Ресервоар Минералс“, поднесе барање да се укине одлуката на советот на Општина Гевгелија, а Уставниот суд во експресна постапkа го прифати нивното барање и ја поништи одлуката.
До Уставниот суд беше доставено образложение каде на 18 страни, детално се цитирани сите членови на Уставот на РМ и законите на РМ, според кои недвосмислено и изрично е наведено дека за оваа прашање одлучуваат граѓаните на локално ниво. Уставните судии го погазија и Уставот на РМ и законите на РМ и донесоа срамна одлука поради која ќе мораат сите да си дадат неотповикливи оставки. Девет уставни судии ја запечатија судбината на 500.000 граѓани од југоистокот.
Уставниот суд го наруши суверенитетот на граѓаните на Македонија, заради бизнис интереси на странска компанија. Уставниот суд се стави на страна на оние кои планираат од Македонија да направат пустелија, да направат геноцид на над 500.000 граѓани.
Ние им порачуваме на сите домашни и странски платеници, кои наумиле да отвораат рудници и да ја уништат нашата татковина, дека ние немаме друга татковина. Затоа ќе се бориме, ќе се бориме толку снажно, што неможат ни да замислат.
Граѓаните од југоистокот бараат веднаш оставка од уставните судии, во спротивно ќе се организира државен референдум за нивно отповикување.
Силата е во народот. Рудници ќе нема!