Спас за Валандово: Граѓаните се игнорирани, некој нешто мати во општината

Активисти на граѓанската иницијатива „Спас за Валандово“, кои бараат иднава недела да се свика седница на Советот на Општина Валандово на која ќе се одреди датум за оддржување на референдум за изјаснување околу рудникот „Казандол“, информираат дека изминативе неколку денови присуствувале на двата собири организирани од месните заедници Пирава и Јосифово. На собирите, велат од иницијативата, лица од фирмата Сардич МЦ ги презентирале процесите кои наводно би се одвивале во рударскиот комплекс „Казандол“.

Соопштението на „Спас за Валандово“ ви го пренесуваме во целост:

На првиот собир во с.Пирава, претседателот на месна заедница Пирава, на поставено прашање од активистите за тоа кој и зошто го организира овој собир, рече дека собирот е инициран од локалната самоуправа на Општина Валандово и е во организација на месната заедница. Исто така на вториот собир во с.Јосифово, претседателот на месна заедница Јосифово а воедно и советник во Совет на Општина Валандово, Тони Пандев, рече дека Советот одлучил инвеститорот да ги презентира процесите кои би се одвивале во рударскиот комплекс.

Има многу прашања кои стојат неодговорени и игнорирани.

– Зошто локалната смоуправа иницира вакви собири на кои инвеститорот самиот се рекламира а не присуствуваат на настани на кои се искажуваат последиците од евентуално отварање на рудник?
– Зошто не е објавен документот на кој го пишува мислењето за рударскиот комплекс?
– Како дале мислење без консултација на никого а се прогласуваат за ненадлежни и незапознаени?
– Зошто не распишаа до сега референдум и покрај собраните потписи од граѓаните?
– Кого застапуваат, инвеститорот или граѓаните?

Советот никогаш нема одлучено да има вакви собири.
Напротив, претседателката на Советот, Јасминка Сечкова, максимално го одолговлекува процесот на распишување референдум поради, за нас, нејасни причини.

Советот требаше првично да повика еминентни и независни експерти, во рок од 20 дена од седницата на 27 април, од различни области за да ги оценат процесите и дали и како би имало ризик по здравјето на жителите и последицци по животната средина. Поминуваат веќе 2 месеци а тоа не е сторено од нивна страна.

Наместо тоа граѓаните собраа 2213 потписи доволни за распишување референдум, за самите да одлучат дали се за или против отварање рудници во нашата општина, и Советот беше должен во најбрз можен рок да овозможи референдум. Тоа не е сторено.

Факт е дека некој нешто мати во Општина Валандово.
Факт е дека граѓаните се игнорирани поради некоја причина.

Функционерите во Општина Валандово наместо да испишат светла историја заедно со граѓаните тие работат против своите деца, родители, пријатели, другари.

Вистината ќе се дознае на еден или на друг начин, час порано или подоцна.