„Спас за Козјачија“: Граѓаните немаат добивка од изградбата на рудникот во Куманово, освен последици врз здравјето

Во атарите на селата Бајловце, Аљинце и Цвиланце, по течението на реката Петрошница, во општина Старо Нагоричане, во тек е изведбата на детални геолошки истражувања за металични минерални суровини – злато, сребро, бакар и молибден.

„Експлоатација на рудата за овие т.н. благородни метали, претставува една од најголемите загадувачи на природата“, реагираат од новата иницијатива „Спас за Козјачија.

Според нив, ако концесијата за експлоатација на руда биде одобрена, по течението на реката Петрошница ќе се отвори огромен рудник за злато и бакар. Таквиот тип на индуструја спаѓа во Г1 тешка и загадувачка индустрија. Рудникот ќе биде со отворен коп, а рудата ќе се обработува со т.н процес на „лужење“.

„Тоа значи дека тони и тони експлозив секојдневно ќе се активираат врз почвата во Бајловце, што ќе резултира со ширење на опасна прашина во атмосферата, која ветерот ќе ја носи во нашите домови. Уште поопасен по здравјето на луѓето е методот на екстракција на рудата во кој се користат цијанид и сулфурна киселина. Евентуална хаварија може да предизвика зголемување на бројот на сериозни заболувања на луѓето и домашните животни во околината на општините Старо Нагоричане, Куманово, Кратово, Скопје, Крива Паланка и сите останати поблиски населени места. Јаловината која што низ годините ќе остане како отпад од рудникот, можно е да истече и да се излее во Петрошница и Пчиња, пренесувајќи ги отровите преку Вардар вдолж цела Македонија до вливот во Солунскиот Залив“, велат од иницијативата.

Географско-етнографската област Козјачија со своите живописни пејзажи и недопрена природа претставува вистинска реткост, сметаат од „Спас за Козјачија“.

„Врвовите Китка и Перен се популарно место за одмор и релаксација на македонските планинари. Долината на реката Петрошница е дел од Националната Емералд мрежа на Подрачја од посебен интерес за заштита (ASCI) како живеалиште на птици. На само неколку километри воздушна линија од областа каде што се предвидува изградбата на рудникот Петрошница се наоѓа мегалитската опсерваторија Кокино“, појаснуваат.

„Не смееме да дозволиме Козјачија да стане скитска пустина“, апелираат од иницијативата.

Оттаму велат дека зад овој проект стои претпријатието Сардич МЦ, со украинско – англиска акционерското друштво „Коппер инвестментс“.

„Целото злато и бакар кое што ќе биде извадено од земјата ќе оди надвор од Македонија. Нашата држава нема да задржи ниту 2% од добивката од добиената руда. Ние како граѓани нема да видиме никаква корист од рудниците освен деструкција на природната средина и еко-системот, намалување на животниот век и зголемена смртност поради заболувања на белите дробови, зголемена стапка на заболеност од рак и болести кај новороденчињата. Добивката ќе биде краткорочна, а последиците вечни. Затоа мора да кажеме НЕ за рудниците на смртта, како нашите сограѓани од Гевгелија, Валандово, Богданци, Дојран и останатите општини од југо-источна Македонија. Приклучете ни се! Да ја зачуваме девственоста и чистотата на планината Козјак, бисерот на Куманово“, велат од иницијативата „Спас за Козјачија“.