Спас за Гевгелија: Министерот Бектеши да не си игра со достоинството на граѓаните на Југоистокот

Иницијативата „Спас за Гевгелија“ преку Фејсбук од премиерот Зоран Заев побара да го разреши министерот за економија, Крешник Бектеши откако повторно ја отвори можноста за изградба на рудник во Гевгелија.  Во спротивно велат, народот од Југоистокот ќе излезе на улица.

„На министерот за економија Бектеши му порачуваме дека не може повеќе да си игра со достоинството на граѓаните на Гевгелија и Југоистокот. Трпението на народот е на крај. Советот лани му даде НЕГАТИВНО мислење за рудник за злато на Кожуф. Оваа година бараше повторно мислење и пак му дадоа НЕГАТИВНО мислење. Пред неколку дена по трет пат поднесува барање за мислење за истиот предмет. Оваа е невидена срамота и играње мајтап со законите и правата на граѓаните“, реагираат од „Спас за Гевгелија“.

Од „Спас за Гевгелија“ го објавија дописот на министерот Бектеши до гевгелискиот градоначалник во кое се бара од градоначалникот повторно да даде мислење по однос на барањето за доделување на концесија за детални геолошки истражувања на минерална суровина – металични минерални суровини на локалитетот „с. Коњско“.

Оттаму го повикуваат јавното обвинителство да утврди дали имало злоупотреба на службената должност, а антикорупциската комисија да утврди дали во прашање е директен материјален интерес на министерот.

„Има ли крај на лудаштвото на полтичко-загадувачката коалиција во Македонија“, реагираат од иницијативата.