Спајсекс лансираше капсула за човечки екипаж до Меѓународната вселенска станица

Ракета со капсула за човечки екипаж, изградена од приватната вселенска компанија Спејсекс, вчера беше лансирана на пробен лет до Меѓународната вселенска станица (ИСС).

Ракетата Фалкон 9 и вселенската капсула Спејсекс кру драгон беа лансирани среде ноќ од вселенскиот центар Кенеди на НАСА на Флорида. Капсулата Спејсекс без екипаж денеска треба да стигне и да се спои со ИСС.

Тоа е првата комерцијално изградена американска ракета и летало лансирани од територијата на САД. Лансирањето беше спроведено во соработка со НАСА, која соработува со неколку приватни компании за развој на вселенски летала со човечки екипаж.

Целта на програмата е да и’ се стави крај на зависноста на американската вселенска програма од Русија за летови до ИСС.

Пробниот лет ќе даде податоци за работата на Фалкон 9 и Спејсекс кру драгон, за системите на Земјата и за други операции, рече НАСА.