СП: Продолжува бојкотот на наставата во училиштата

Средношколскиот пленум денеска потврди дека и оваа недела ќе го продолжи бојкотот на наставата во училиштата низ Македонија.

Бојкотот ќе трае се’ додека не се постигне договор меѓу Средношколскиот пленум и Министерството за образование и наука, најавуваат од пленумот.

„Пленумот го замолува училишниот персонал да ги елиминира притисоците кои беа вршени врз учениците изминатата недела. Бојкотот ќе продолжи и во најлошите услови бидејќи имаме право да го искажеме нашето незадоволство. Бојкотот ќе се спроведува по планираните агенди освен ако тоа не ни биде оневозможено (агендите вклучуваат едукативни и забавни активности за сите ученици). Ние средношколците, говориме во еден глас и тој глас ќе биде слушнат“, изјавија денеска од Средношколскиот пленум.

Од министерството засега нема информации дали министерот за образование и наука, Абдилаќим Адеми неделава ќе ги прими претставниците на Средношколскиот пленум, како што претходно самиот најави.

Одлуката во државната матура – математика да полагаат само средношколците кои ќе се одлучат за природно-математичка насока, од Средношколскиот пленум ја оценуваат како дискриминаторска, бидејќи го укинува правото на избор на дел од средношколците.

Од Пленумот бараат промена на целиот нов концепт на полагањето државна матура, како и промена на моделот за екстерно тестирање според која оценката од екстерното нема да влијае на крајниот успех на учениците.