Создадена енциклопедија за информации за сексуалното и репродуктивното здравје – Гинопедија

Жена од Сан Франциско создала нова онлајн енциклопедија за сексуално и репродуктивно здравје, наречена Гинопедија.

Лани Фрајд сфатила дека не знае како да најде пристап до контрацепција, додека се подготвувала за патување низ Азија. На веб страницата има информации за контрацепцијата и итната контрацепција, сексуално преносливите инфекции, производи за хигиена за менструален циклус, бременост и абортус, кои се значајни за градот каде корисниците се наоѓаат и имаат потреба од овие услуги.

„Ја започнав Гинопедија бидејќи не можев да најдам ништо слично“, вели таа. „Кога почнав да се подготвувам за патувањето, сфатив дека немам поим како можам да однесам контрацепција во околу 12 азиски држави кои планирам да ги посетам, а тоа беше само врвот на сантата мраз. Што со годишниот ПАП брис? Што ако останам бремена? Овој недостаток на информации е постојана тематика во мојот живот и претпоставувам дека многу други жени го имаат истиот проблем. Неколку пати имав потреба од совет од локалните жители бидејќи не можев да најдам локален извор. Поради тоа бев бесна, но и многу инспирирана, па се роди Гинопедија“.

Веб страницата личи на Википедија, а е направена со користење на МедиаВики платформата со „минијатурниот буџет“ на Лани. Ја креирала во нејзината хотелска соба во Ханои, Виетнам. Секој може да придонесе кон веб сајтот, исто како и кон Википедија. Но, Лани потенцира дека поради историски ниската стапка на жени кои придонесуваат со содржина на Википедија (во 2011 имало само 10 проценти), таа се надева дека ќе поттикне повеќе жени да пишуваат.

„Секој ден додавам информации на Гинопедија, а други луѓе додаваат информации без никаква финансиска компензација. Има многу работа во развивањето и менаџирањето на веб сајт кој треба да биде богат со информации без профити, но е големо задоволство“.

Моментално, Гинопедија покрива 77 држави. Лани се надева дека наскоро ова ќе се промени.

Моменталните проблеми со кои жените се соочуваат додека се обидуваат да добијат информации во другите земји, е што можеби не знаат за законите и социјалната стигма за репродуктивното и сексуалното здравје. Другите дилеми се поврзани со поедноставни работи, вели таа, непознавањето на друг јазик да ги кажете зборовите или фразите кои ви се потребни, додека барате медицински совети и третман во странските земји.