Современ балетски перформанс „Метаморфоза“ во МОБ

Вечерва во 20 часот, во Македонската опера и балет (МОБ) ќе се одржи современиот балетски перформанс „Метаморфоза“.

Концептот и кореографијата е на Ивана Коцевска, музиката е на Филип Глас и Иван Пенов, Дино Имери е на пијано, додека костимографијата е на Милена Атанасова. Сашо Алушевски е авторот на фотографијата и постерот.

„Овој современ балет го проблематизира телото како субјект на состојби и сензации, како збир на афекти. Делото се бави со соматското истражување низ техниките и анти-техниките на телесното, на вертикалното и хоризонталното, симетричното и асиметричното. Работи со позиции и антипозиции, а е јукстапозиција на кохерентното, иако се бави со симетрија и асиметрија во кореографијата, но и во изведбата“, се наведува во описот на перформансот.

Танчери во перформансот се Христина Наќевска, Ивана Димковска, Меланија Гоцевска, Медина Јусуфович, Виолета Карајанова, Мила Ниновска, Матеа Каревски, Теодора Ежовска, Јована Зајкова, Мирослав Митрашиновиќ, Ендру Кук, Бојан Мицев,Теодора Ставревска и Ивана Коцевска.

„Кореографското интервенирање во просторот не е преку техниката и формите, туку преку нивно генерирање целта е да се исцртуваат различни позиции на телата кои се менуваат во него. Менувањето во движењето, менувањето на телесното, односно неговото реформирање низ изведбеното, нуди интервенирање во она што е балет, односно нуди нови прегледи на балетското тело како ново, променето и де-вертикализирано“, стои во описот.