Советот за етика во медиумите повикува на одговорно известување за трагични случаи и медиумите да ја почитуваат приватноста на жртвите

Советот за етика во медиумите во Македонија (СЕММ) изрази загриженост за начинот на кој дел од медиумите известуваат за трагичната смрт на мајка и дете што се случи во Скопје.

Од СЕММ посочуваат дека известувањето за самоубиства и лични трагедии претставува една од најчувствителните области на новинарската етика и бара исклучителна професионална воздржаност. Оттаму ги повикаа редакциите ваквите случаи да не се третираат како сензационалистички содржини.

Според Советот, медиумите треба да се воздржат од објавување детали за начинот на кој е извршен трагичниот чин, од шпекулации за мотивите, семејните односи или наводи за насилство без официјална потврда, како и од објавување фотографии или видеа од телата, дури и во замаглена форма. Особено е важно да се избегнуваат драматични и експлицитни наслови со цел зголемување на читаноста.

„Иако ваквите трагични случаи предизвикуваат силни емоции и зголемено внимание во јавноста, токму во такви ситуации одговорноста на медиумите е најголема“, посочуваат од Совет за етика во медиумите во Македонија.

Од таму додаваат дека објавувањето експлицитни детали, драматични наслови и вознемирувачки визуелни содржини не претставува израз на сочувство или јавна загриженост, туку ризик од дополнително нарушување на достоинството на жртвите и нивните семејства.

Советот потсетува дека објавувањето непроверени информации и содржини што го нарушуваат достоинството на починатите претставува повреда на принципите на точност, одговорност и почитување на приватноста.

Во контекст на онлајн известувањето, СЕММ укажува дека медиумите треба да избегнуваат кликбејт наслови и сензационалистички формулации, да не споделуваат вознемирувачки содржини, да ги модерираат коментарите со цел спречување говор на омраза и шпекулации и да не откриваат лични податоци и идентитети.

Од Советот нагласуваат дека почитувањето на Кодексот на новинарите е основа за зачувување на довербата во медиумите и заштита на јавниот интерес.