Советот на министри во БиХ ја одобри употребата на медицински канабис

Експертската работна група, што ја формираше Советот на министри на Босна и Херцеговина даде зелено светло за употребата на канабисот во медицински цели, потврди Зденка Гојковиќ, член на работната група и шеф на Одделот за онкологија во Универзитетскиот клинички центар.

„Сега на потег се министерствата, бидејќи треба да се изменат одредени закони кои ќе го дозволат тоа, кога е во прашање увоз, начинот на контролирање и слично“, рече Гојковиќ, напоменувајќи дека во работната група биле и претставници од Министерството за граѓански прашања на БиХ и бројни познавачи на областа, како што се онколози и фармацевти.

Кога станува збор за употребата на канабисот во медицински цели, Гојковиќ рече дека има повеќе области каде тој би можел да се користи.

„Во онкологијата, најчесто се користи за болки од ракот. Кога ќе се исцрпи другата опција, оправдан е обидот со канабис. Може да се употребува за мачнините и повраќањето при хемотерапија“, додава таа.

Кај анорексијата, кога ќе дојде до целосна исцрпеност и слабеење, канабисот може да отвори апетит. Но, прво мора да се искористат официјалните можности“, појасни Гојковиќ. Таа истакна дека во голем број земји е прифатена употребата на канабис во медицински цели.

„Суштината е канабисот да се симне од листата каде е забранет за употреба и да се префрли во листата на дозволени лекови, но секако, само во медицински цели, каде е оправдана неговата употреба“, подвлече таа.

Гојковиќ напомени дека во Хрватска Собранието минатата година ја одобри употребата на канабисот во медицински цели, и дека имаат точно одредени лекари кои можат да го препишуваат со точно одредени дози и количини.

„Немаме докази дека канабисот може да ја намали болеста, иако во лабораторијата покажа некаков ефект“, нагласи таа.