Советот на Град Скопје утре ќе ја поништува одлуката „Шолц“ да биде концесионер на „Дрисла“

Советот на Град Скопје утре ќе одржи вонредна седница. Советниците ќе гласаат на нова предлог-одлука за поништување на одлуката за приватниот партнер/содружник „Шолц“, германскиот конзорциум што требаше да биде концесионер на депонијата „Дрисла“.

Како причина за оваа предлог-одлука е законскиот рок од 30 дена, во кој „Шолц“ не се јавил да склучи договор за „Дрисла“ за концесија.

„Со оглед дека Известувањето од 13.06.2019 година е доставено преку ДХЛ на 14.06.2019 година со кое на најповолниот понудувач му е доставена одлуката за избор и е утврден рокот од 30 дена за основање на Друштво за посебна намена, а избраниот кандидат не основа Друштвото за посебна намена во предвидениот рок исполнети се законските услови за донесување на предложената одлука и поништување на одлуката за избор. Вака предложената одлука се темели на член 21-а од Законот за концесии и други видови на јавно приватно партнерство, каде е утврдено дека Конзорциумот е должен да основа правно лице“, стои во образложението на предлог-одлуката, потпишано од градоначалникот Петре Шилегов.

Таму стои дека со поништувањето на изборот на парнер/содружник и постапката за избор, повеќе не постои правен основ за одлуката.

„Односно истата не произведува правно дејствие, а се со цел заокружување на процесот за враќање на Друштвото со ограничена одговорност ‘Дрисла’ во форма на Јавно претпријатие, односно во правна состојба пред спроведувањето на постапката за концесија и јавно приватно партнерство“, се вели образложението во предлог-одлуката.

Инаку, пред да пристигне „Шолц“, долги години „Дрисла“ беше италјанската фирма „ФЦЛ Амбиенте“, која наиде на различни критики, а медиумите објавуваа за контроверзно сопствеништво и на „Шолц“.