Советот за безбедност ќе и предложи на Владата да прогласи кризна состојба за цела држава, соопшти Пендаровски

Советот за безбедност ќе и предложи на Владата да прогласи кризна состојба на целата територија на Република Северна Македонија во траење од 30 денови, соопшти претседателот Стево Пендаровски кој додаде дека состојбата со коронавирусот е исклучително сериозна.

Моментално, како што посочи Пендаровски, веќе има прогласено кризна состојба на северната и јужната граница поради нелегалните преминувања на мигранти и бегалци, и додаде дека на тие подрачја, полицијата и војската веќе работат заедно. Но, како што посочи, таквата соработка, откако ќе биде прогласена кризна состојба, тоа ќе биде овозможено на целата територија на земјата.

„И во моментот, Армијата дава поддршка на полицијата и здравствените институции, но во лимитиран обем, потпирајќи се само на правниот основ кој доаѓа од законот за служба во Армијата. Но, откако ќе биде прогласена кризната состојба,  тогаш законот за одбрана и законот за управување со кризи даваат многу пошироки можности за поддршка на надлежните институции, пред се здравствените, од страна на Армијата“, додаде Пендаровски.

Премиерот Зоран Заев пак, изјави дека Владата и нејзините институции се подготвени, поради како што рече, можноста била извесна и најави дека кризна состојба ќе биде прогласена најдоцна до утре.

„Сега после носењето на одлуката, се враќам во владата и ќе ги дадам наредбите за стартување на управувачкиот комитет, кој што треба во најбрз рок да предложи до Владата прогласување на кризна состојба, најдоцна утре вечер ќе ја одржиме седницата на владата, ако бидат подготвени сите институции, во делот на правно формалниот аспект, за неопходноста за прогласување на кризната состојба. Ние сме подготвени и вечерва тоа да го направиме, но најдоцна утре вечер сум убеден дека ќе стигнеме да прогласиме 30 дена кризна состојба“, најави Заев.

Претседателот Пендаровски во неговата изјава, посочи и дека важна разлика во законската можност со прогласувањето на кризната состојба е тоа што Владата ќе може да управува со ресурсите на органите на државната управа, јавните претпријатија, општините и на градот Скопје, но тука вклучувајќи ги и трговските друштва, односно приватните здравствени установи, рече тој.

Тој појасни дека не станува збор за национализација на приватните болници, туку евентуално за управување со нив во битката со пандемијата, додавајќи дека тоа ќе се врши во обем во кој Владата ќе процени дека е неопходно.

„Инаку знаете дека приватната сопственост е гарантирана со Уставот и затоа тука не станува збор за национализација или некакво менување на сопственоста. Воведувањето на кризната состојба на целата територија, нема никаква врска со т.н. полициски час и евентуално воведување рестрикции во движењето на граѓаните,  тоа е во надлежност прво на Комисијата за заразни болести, потоа на централниот кризен штаб, и се разбира на крај на Владата, ако така процени дека е неопходно“, додаде Пендаровски.

Министерот за здравство Венко Филипче во однос на прашањето со приватните болници, појасни дека на располагање на државата ќе бидат нивните капацитети, како и капацитетите на приватните поликлиники, но и кадарот кој работи таму. Дополнително, тој најави дека денеска ќе биде направена проценка со што се располага, заедно со државните капацитети, и дека ќе биде подготвен план за работа.

Во земјава досега со коронавирусот од почетокот на епидемијата се заразени над 50.000 луѓе, додека речиси 1.400 лица починале.