Советодавен сервис – младите се интересираат за своите права

Средношколците и студентите најчесто прашуваат каде да се пожалат кога се незадоволни од оценување на професорот, студентите се интересираат за можностите предвреме да ги полагаат испитите, останатите млади лица пак соочени со проблемот на невработеноста имаат голем број прашања за пријавувањето во Агенцијата за вработување. Еден месец по отворањето на „Советодавниот сервис за права на млади“, се множат прашањата на кои треба да одговорат правниците од Младинскиот образовен форум.

Советодавен сервис - младите се интересираат за своите права„Што можам да направам, каде да се пожалам, дали имам право, кој е надлежен да одлучува за мојот проблем, се само неколку од прашањата со кои се среќава советодавниот сервис за права на млади, кои ги поставуваат средношколците, студентите и младите генерално. Младите не се доволно информирани за своите права и слободи и најчесто не знаат кој е надлежен да одлучува за нивниот проблем и кој е механизмот на заштита во конкретен случај“, забележува Кристина Митрова, координатор на Сервисот.

Од Советодавниот сервис ги повикуваат младите да поставуваат прашања, да не ги оставаат своите проблеми нерешени и да бараат заштита на своите права. Прашањата освен што можат да се постават на веб сајтот на МОФ, во секцијата „ Советодавен сервис за права на млади“, може да се праќаат и по е-пошта, а Митрова ги охрабрува младите и директно да се јавуваат во МОФ кога имаат проблем.

Со цел да се зголеми информирањето на младите, месецов се предвидени јавни трибини во Тетово и Струга на кои ќе се дискутира за правата на средношколците и студентите. Со истата цел наскоро ќе бидат промовирани и две нови брошури изготвени во рамки на проектот „Средношколски дилеми и проблеми“ и „Студентски дилеми и проблеми“.