Доцна синоќа, Советот на општина Валандово ја изгласа иницијативата за распишување на референдум за рударскиот комплекс „Казандол“. Со тоа, валандовци почнуваат со собирање на потписи.
Советот на општина Дојран, пак, вчера едногласно ја поддржа граѓанската иницијатива за одржување на референдум за истиот рудник за бакар. Општинскиот референдум ќе се одржи на 11 јуни и на него ќе може да учествуваат сите полнолетни граѓани запишани во Избирачкиот список.
Покрај за Казандол, граѓаните на референдумското изјаснување ќе се изјаснуваат и за сите други рудници што би можеле во иднина да се отворат на територијата на нивната општина.
Советниците во Дојран потенцираат, заштитата од евентуално загадување на Дојранското езеро е најважен приоритет за локалната самоуправа.
Но, додека тие едногласно ја поддржаа иницијативата, во Валандово синоќа се гласаше со осум гласа „за“ и седум „воздржани“.
Валандовци уште еднаш ќе побараат можност населението да се произнесе дали сака, или не, да работи „Казандол“, кој според „Спас за Валандово“ би оставил трајни последици врз еколошката средина, но и здравјето на луѓето. Но, за да добијат референдум, потребни се 2000 потписи.
Синоќа, за време на седницата, група граѓани се собраа пред општинската зграда, барајќи да бидат дел од неа, но нивното барање било отфлено.
„Колку е јавна седницата кога на најзасегнатите не им е дозволено да бидат присутни за време на донесување на одлуките?“, прашуваат од „Спас за Валандово“.
Одлуката за одржување на референдум во Дојран доаѓа една недела откако истото го направи и општина Богданци.