[SoundCloud Meetup во Скопје] Мора да се обединиме за домашната електронска сцена

По трет пат во Скопје, Радио МОФ и Drop Series го организираа SoundCloud MeetUp, годинава осмислен и организиран за да ја поддржи домашната електронска сцена, да промовира локални артисти, продуценти и промотери и да сподели регионални и глобални искуства.

[SoundCloud Meetup во Скопје] Мора да се обединиме за домашната електронска сцена

Посетителите имаа можност да се запознаат со многу нови електронски музички имиња од домашната сцена, продуценти, промотори, но и музичари кои долги години работат како дел од продукциски куќи и фестивали. Целата дискусија на кои учествуваа повеќе од десетмина диџеи и музички работници се одвиваше околу темата како да ја развиваме електронската сцена и како да го користиме SoundCloud за подобрување на промоцијата.

На крајот од секој говор, присутните заклучија дека мора да постои единство меѓу самите артисти, за да можат полесно меѓусебно да се промовираат. Другиот дел од промоцијата е користењето интернет и веќе неизбежниот SoundCloud.

10369733_642176365852222_7812438996735668290_n1„За било кој артист и да се работи најпрво мора да има „про акаунт“ на SoundCloud. Тоа се само 5 долари месечно, иако знам дека многумина кои се занимаваат со електронска музика го прават тоа од љубов, а не од пари.” вели изјави Горанчо Сиркаровски, основачот на MyCloudPlayer.

„Смешно е кога ќе помислам дека лично знам над десет продукциски куќи од Македонија кои користат бесплатен акаунт. Но, во Македонија нема култура на плаќање преку кредитна картичка, нешто што е сосема нормално во повеќето земји во светот. Кога ја направив мојата апликација луѓето буквално ме молеа да направам бесплатна верзија“, додаде Сиркаровски.

Електронската сцена може да се развива само преку соработка, смета и Александар Видоновски од Drop Series.Според него досега македонската сцена беше хендикепирана бидејќи нема ниту еден настан кои ќе ги обедини промотерите, диџејите и артистите од сите градови. Проблемот тој го гледа и на глобално ниво во поделбата на многу помали групи на музички ентузијасти наместо тие, како што вели, да се сплотат под една капа.

„Најлесен начин да се дојде до промоција е да имаш сопствена продукција. Поготово сега, кога за да направиш сопствена музика ти треба само компјутер. Би ги повикал сите кои сакаат да се занимаваат со ова да се занимаваат да се насочат кон својата продукција. Еднаш да издадат своја песна за добра продуцентска куќа, ќе завршат повеќе работа отколку да одат и молат луѓе со година да пуштаат музика во нивните клубови, а сите големи продукциски куќи демо-снимките ги примаат токму преку SoundCloud“, објаснува Видиновски.

10357461_10152488554131812_6137931614954198778_n„Домашна публика има, но не е доволно ангажирана да ги следи најновите случувања во електронската сцена и нејзините артисти. Кога ќе отидат на некоја забава многумина одат не заради самите диџеји туку само за да бидат видени,“констатира Дејан Трајков.

„Седни дома, изработи песна, закачи ја на SoundCloud и прати ја на некој влијателен да ја чуе – многу е едноставно. Мислам дека нема подобра промоција од таа која е бесплатна и може било кој да ја слушне, во секој момент и без разлика каде и да е во светот. Се е до маркетингот“, вели низ смеа Трајков.

SoundCloud Meet Up 2014 на едно место собра луѓе кои се вмрежуваа и дискутираа за електронските заедници од Битола, Штип, Гевгелија, Тетово, Кичево и Скопје. Настанот се одржа во дворот на МОФ, каде гостуваше и организацискиот тим на Love Fest од Врњачка Бања, Србија. По дискусијата следеше неколкучасовна журка и квалитетна електронска музика.

Дамјан Коложег