Со оглед на тоа што брзо се пополнуваат болничките капацитети, ќе се активира планот за обезбедување дополнителни капацитети, а целата зграда за интерни болести ќе биде наменета за третман на пациенти со Ковид-19, соопшти на денешната прес-конференција министерот за здравство Венко Филипче.
На околу седум отсто од заболените им е потребна хоспитализација, рече Филипче, но додаде дека со оглед на големиот пораст на активни случаи, бројот на сместени пациенти моментално е 890 лица.
„Во овој момент, целосно се исполнети капацитетите на Инфективната клиника, модуларната болница. Исто така, сега во функција е ставен Центарот за белодробни болести, тука се уште има капацитети во кои што може да се сместат пациенти. Но, еве гледајќи го напливот и притисокот, се активираше овој план за интерните клиники од приземните спратови каде што се клиниките за дерматологија и неврологија. Понатаму горните спратови каде се клиниките за гастроентерохепатологија, реуматологија и нефрологија, тука го имаме предвид и делот за дијализа. И во следен акт и клиниките за оторинолагионологија и очни болести“, посочи министерот.
Дополнителниот број на кревети, според Филипче, кој од утре ќе бидат на располагање е околу 150, но и, како што рече, дополнителни 100-тина на клиниките за оторинолагинологија и очни болести.
„Во овој момент со капацитет од 100-тина кревети работи болницата ‘8-ми Септември’, без пореметување на редовниот програм, доколку се наметне потреба и таму може да се зголеми капацитетот за сместување на пациенти“, рече Филипче.
Тој е дециден дека сега, како и во периодот кој претстои, кога ќе почне пополнувањето на капацитетите, нема да се поремети нормалното функционирање на овие клиники.
„Системот ‘Мој Термин’ и понатаму, во овој период пред нас продолжува да функционира, секако и сместувањето на пациенти во другите делови на оваа зграда, на интерните клиники“, рече тој и додаде дека лекарите и медицинските сестри се подготвени.
Есенскиот бран, освен во болниците го зголеми притисокот и врсз пунктовите за тестирање, посочи Филипче.
„Ние минатата недела веќе ги зголемивме капацитетите, тука во лабораторијата на Институтот за јавно здравје, Центарот за јавно здравје, со дополнителна смена и болницата во Козле за 400 до 500 теста на ден. Конкретно вчера имавме околу 3.000 тестови“, потенцираше Филипче.
Брзите тестови исто така ќе почнуваат да се применуваат, односно тие ќе се прават во пунктовите во здравствениот дом во Скопје и во болничките установи каде се примаат пациентите. Како што посочи министерот, тие ќе се прават не само во Скопје, туку и во другите болници.
„Согласно распоредот кој што денеска го потврди Комисијата како и алгоритмот, односно индикацијата кога се прави тој брз тест, дополнителни шест пункта ќе работат од понеделник тука во Скопје. Согласно распоредот за тоа колку време е потребно да се земе брис и да се направи овој тест, некаде дополнително 500 термини во денот ќе бидат на располагање за сите граѓани и пациенти почнувајќи од понеделник само за градот Скопје. Дополнително на овие 500, сите тестови кои што ќе бидат на располагање во болниците тука во Скопје и ширум државата“, рече Филипче.
Во овој момент, Филипче рече има одлично димензионирани мерки и дека нема потреба од дополнителни рестрикции, односно дека тоа било заклучено на состанокот со Комисијата за заразни болести.
„Апелирам да се почитуваат сегашните рестриктивни мерки, да не се излегува од дома, освен ако се нема некоја голема потреба, во маркет, работно место или во училиште, само сите заедно, солидарни и одговорни може да се справиме со оваа криза“, порача тој.
Состојбата е крајно сериозна, потенцираше Филипче, додавајќи дека здравствениот систем е мобилизиран за да одговори на предизвикот.
„Знам дека (здравствените работници) се преморени, но искрено верувам дека ќе одговориме и на овој огромен здравствен предизвик, за да издржиме и да се избориме со овој опасен бран. Бараме поддршка од сите, граѓаните, медиумите, од сите. Колку и да е ова досега повторено, ќе повторам пак, дека клучот во битката и стабилизирањето на состојбата е доследното почитување и придржување до мерките. Вирусот е широкораспространет и најмало невнимание или отстапка може да значи инфекција“, рече Филипче.
Во текот на вчерашниот ден беше регистрирана рекордна бројка на новозаразени, односно 1.275 случаи. Бројката на активни случаи моментално изнесува 12.762 лица, додека вкупната бројка на новодијагностицирани од почетокот на епидемијата изнесува 36.372 лица.
1.275 новозаразени со Ковид-19 во изминатите 24 часа – 13 лица починале
М.К.