„Соседи“ и „Проклетството на Виктор и Викторија“ на „Лица без маски“

Две претстави „Соседи“ и „Проклетството на Виктор и Викторија“ вчера беа дел од репертоарот на фестивалот „Лица без маски“.

DSC_0909_resize

Continuo Theatre е интернационална независна театарска група водена од страна на Павел Штоурач која што вчера вечер ја играше претстава „Соседи“ на главната сцена во Универзална сала. Приказната на „Соседи“ ги покрива случувањата низ различни години во малото чешко село Маловице, претставувајќи разни интерперсонални врски како и историски социо-политички опресии.

DSC_0940_resizeИстата е напишана според интервјуа на очевидци од самото село. Актерската екипа составена од Катерина Шобанова, Зузана Смолова, Мартин Јанда, Иво Јуречка,, Михаил Пухач, Алесандро Ла Рока и Мбалоу Арноулд, успеа многу живописно да ја персонализира чудната мешавина на карактери кои ги проследува оваа претстава и да ја натера публиката да се соживее со нив.

Иако, поради ненадминатата јазична бариера, нивните детални лични карактеристики ги запознавме преку сижето, актерската игра беше повеќе од јасна за целата публика. Низ одличната глума, можевме да ги почувствуваме маките и среќата која што го обливала тоа село во различните периоди. На жалост, поради недостатокот на превод не можевме да се поврземе и со умешно направената нарација. „Соседи“ е претстава со повеќе од една кулминација, која што преку глумата и физичките способности на актерите, во повеќе моменти не остави без здив.

DSC_0987_resize

На малата сцена во Универзална сала вчера вечер ја проследивме и „Проклетството на Виктор и Викторија“, напишана и режирана од Војо Цветановски. Претставата е интимна исповед на „едни двајца“ кои се имаат видено само еднаш, а пателе еден за друг до крајот на животот. Цветановски тврди дека никогаш не чул ваква приказна од нечиј живот, а дека сепак истата е структурирана според секојдневните случувања и општествениот тек. Токму тоа го тера да верува дека некаде далеку, сигурно постојат неговите Виктор и Викторија престорени во личности кои никогаш не се запознале а секогаш се сакале.

DSC_0962_resizeВообичаеноста на претставените настани и блискоста до самата публика и нејзините животи, измамија многу искрени насмевки и тажни лица кај присутните во малата сала. Воодушевувачката игра на Дарко Велјиќ и леснотијата во движењето на Марија Бејкова уште повеќе ја акцентираа тешката смеса од емоции, спомени и мечти која ја исполни сцената. Таа, пак, беше едноставно, а впечатливо опремена со само 2 црвени столчиња, една голема слика и неколку ситни реквизити. Осмислена како вешт мозаик од нарација, танго и пантомима, „Проклетството на Виктор и Викторија“ им покажа на присутните дека и македонските независни продукции имаат што да понудат на побарувачката за нови идеи и пристапи кон театарската уметност.

Јована Ѓорѓиовска