Сорентино ќе снима филм за Силвио Берлускони

Паоло Сорентино, кој е награден со Оскар за најдобар странски филм за „La Grande Belezza“ и чии филмови често се фокусираат на осаменоста на „застарени плејбои со огромна моќ“, ќе сними биографски филм за поранешниот италијански премиер Силвио Берлускони.

Како и „La Grande Belezza“, филмот ќе биде на италијански јазик. Сорентино досега има снимено и два филма на англиски јазик – неговото последно дело, „Youth“ и „This Must Be The Place“.

Најпознатиот филм-портрет на моќен италијански политичар на Сорентино е „Il Divo“, негов филм од 2008 година, во кој ја раскажува приказната на Џулио Андреоти, веројатно најзначајниот државник после Втората светска војна, кој служел седум премиерски мандати.

Берлускони ќе наполни 80 години наредниот месец, и се очекува наскоро да се повлече од политичката арена после бурната кариера. Минатиот месец најави дека планира да ги продаде своите акции во фудбалскиот клуб Милан, чиј сопственик е веќе 30 години.