Сопругата на гувернерот на Калифорнија ќе се нарекува „прв партнер“, наместо „прва дама“

Џенифер Сибел Њусом, наградуваната режисерка и сопруга на новиот гувернер на Калифорнија Гевин Њусом, избра да се нарекува „прв партнер“ наместо „прва дама“ во име на родовата еднаквост.

Таа ја напишала оваа титула на нејзиниот Твитер, а така е наречена и на официјалната интернет-страница на гувернерот.

Режисерката уште во октомври изјавила за медиумите дека доколку нејзиниот сопруг победи на изборите за гувернер на сојузната американска држава таа би сакала да биде ословувана со титулата „прв партнер“ бидејќи наскоро Калифорнија може да добие жена гувернер.

„Тоа отвора можност за било кој пар да дојде на таа позиција и тоа е многу возбудливо за мене“, рекла Њусом.

Како режисерка и активистка, Сибел Њусом има долга историја на акции за родовата еднаквост. Таа е основач на непрофитната организација „The Representation Project“, движење кое користи филм и медиумски содржини за да ги открие неправдите создадени од родовите стереотипи. Нејзиниот документарец „Miss Representation“, каде е сценарист и режисер, го опишува сексизмот во медиумите и малото учество на жените во филмската индустрија. Нејзиниот втор филм „The Mask You Live In“ бил фокусиран на тоа колку многу штета може да направи машкоста на момчињата и мажите.