Сонот за Запад го остваруваат се повеќе млади од југостокот на Македонија

Бугарски пасош во рака и надвор од државата после завршувањето на факултетот, ете така ја гледам иднината и мојата перспектива за работа, вели за „Нова Тв“ студентка од приватен универзитет во Струмица. Нејзиното разочарување од можностите во земјава за младите го делат многу струмичани. Младите во најголем број не гледаат перспектива во местото каде што живеат.

Сонот за Запад го остваруваат се повеќе млади од југостокот на Македонија

Од „Нова Тв“ ги запрашале повеќемина жители на градот под Царевите кули какви им се плановите, што очекуваат од средината во која живеат и дали планираат да оформат семејство. Партиската поделеност, како и условот партиска книшка за да добиеш вработување, за нив како што велат, е една од причините за напуштање на државата.

„Не се гледа квалитетот што го поседува младиот човек, едноставно ако си активен политички ќе дојдеш до целта, а доколку не си, мора да бараш спас надвор од државата“, вели студент во трета година кој исто така сакаше да остане анонимен.

Со Мирна Трпкова разговаравме на почетокот на летото кога таа тукушто матурираше во гимназијата Јане Сандански. Своето образование Мирна одлучи да го продолжи во соседна Бугарија. Нејзините планови се да запише режија во Софија. Таа вели не се чувствувам среќно овде и не се пронаоѓам, па затоа ќе ја побарам среќата надвор од државата.

„Не сакам да бидам сфатена дека не си ја сакам државата, напротив имам многу причини за да ја сакам, но сите ја знаеме моменталната состојба, па така моите причини за заминување се образованието кое овде не ми нуди добри услови за да се надградувам. Во Струмица или воопшто во Македонија има две крајности – или врв или дно. Јас како млада личност своите перспективи ги гледам во уметноста. Не очекувам успех ако не работам сама на себе“, вели Мирна.

На истата тема од Нова ТВ зборуваат и со младиот професор по француски јазик Ристо Ташев.

„Нема човек, вклучително и јас, кој не размислувал да излезе надвор од државата со оглед на тоа во какви услови живееме. Јас имав прилика да престојувам во странство и да видам како функционираат таму и прилично е зачудувачки како таму може се да функционира, а кај нас не. Проблемот овде е најверојатно во политиките и тоа во делот на економскиот развој. Сметам дека треба да се овозможат подобри услови на економски план и да младите да бидат вистински вклучени во општествените процеси, пред се во бизнис секторот, а не како перспективата да ја гледаат во јавната администрација“, вели за НОВА Ристо Ташев.

Но од друга страна, во секојдневна комуникација со неговите ученици тој смета дека младите не се премногу оптоварени како функционира општеството иако смета дека треба да бидат заинтересирани во делот кои се нивните права, која би била нивната иднина, што им се нуди.

„Секој ден гледаме какви услови имаат студентите, во какви услови живеат во студентските домови, а тие воопшто не реагираат и тоа за нас како општество е малку разочарувачки. Мислам дека треба самите да бидат малку поагилни, а не да чекаат некој нешто да им вети“, вели Ристо Ташев.

Целиот текст прочитајте го на Нова Тв.