СОНК упати ново барање за преговори со ресорните министерства, штрајкот продолжува

Советот на Самостојниот синдикат за образование, наука и култура (СОНК) достави уште едно барање до ресорните министерства за продолжување на преговорите и свикаа нова седница за утре на која доколку не започнат преговори во наредните два дена, Советот да усвои нови активности и мерки во врска со натамошниот тек на Генералниот штрајк, се дел од заклучоците на синоќешната седница на СОНК.

Советот повторно ја потврди непоколебливоста во опстојување на Генералниот штрајк, се додека не се дојде до взаемно прифатливи решенија по барањата.

„Советот со задоволство целосно го прифати повикот на претседателот Ромер за итно продолжување ( поточно започнување ) на преговорите помеѓу СОНК и ресорните министерства, како и неговото противење на нападите врз раководството на СОНК и како и за казните по екстерното оценување и воведувањето на штрајкбрехери, за кои јавно кажа дека се несреќен македонски модел, како единствен случај во Европа, да се бараат решенија според европските и светските стандарди“, се вели во соопштението.

Претходно, првиот човек на Европската конфедерација на синдикатите за образование, Мартин Ромер дојде во мисија да ги следи одблизу состојбите со генералниот штрајк и оствари средби со министрите за образование и наука и труд и социјална политика. Според него, Македонија развила чуден, нов модел каде сакаат да ги казнуваат наставниците за екстерното оценување и според него, тоа е неприфатливо.

Според СОНК, посетата на претседателот Ромер има големо значење, не само со неговите напори за деблокирање на социјалниот дијалог од страна на ресорните министерства спрема СОНК, туку и во симнувањето на сите дилеми околу легитимната поддршка што ја има СОНК од меѓународните синдикални организации и целосната оправданост на барањата.

На седницата, од страна на повеќе претседатели на Регионални одбори на СОНК, беа изнесени повеќе примери на синдикални организации кои последните денови се приклучуваат во штрајкот, како и поголем број на зачленувања во нашиот Синдикат на вработени кои досега не биле членови на СОНК.

Членството кое е веќе шести ден  во штрајк вели дека е подготвено да продолжи со штрајкот, без разлика колку истиот ќе трае и без разлика на евидентните притисоци, се додека Владата не понуди решенија кои ќе бидат прифатливи за да се прекине штрајкот.