СОНК најавува генерален штрајк по распустот

Синдикатот за образование и наука најавува дека по завршувањето на зимскиот распуст ќе стапи во генерален штрајк. Од СОНК велат дека се незадоволни од процесот на преговори со надлежните министерства, кои се водат веќе три месеци. Велат дека преговори речиси и да немало.

Од СОНК наведуваат дека штрајкот ќе се одвива на тој начин што професорите ќе доаѓаат на своите работни места, но нема да има предавања. Синдикатот бара зголемување на платите, укинување на казните за екстерното тестирање, како и да се поедностави работата со електронскиот дневник.

Оттаму нагласуваат дека овојпат нема да попуштат и ќе одат до крај во исполнувањето на нивните барања. За најавениот штрајк добиле подршка и од меѓународните синдикални организации.

СОНК уште во септември најави генерален штрајк, но до него не дојде, откако синдикатот го стави штрајкот во мирување, откако беше договорено дека за барањата ќе се преговара со Владата.