СОНК најави протест и можен генерален штрајк во образованието

Самостојниот Синдикат за образование, наука и култура најави дека доколку итно не се разрешат состојбите со професорите од УГД- Штип и Барањата од Советот на СОНК од крајот на јуни оваа година, ќе донесат одлука за стапување во генерален штрајк во образованието.

СОНК најави протест и можен генерален штрајк во образованието

Од синдикатот најавија и дека на 1 август ќе организира јавен протест пред Министерството за образование и наука. Штрајкот со глад на членовите на Советот и Претседателството, во знак на синдикална и човечка солидарност со професорите од УГД, продолжува и понатаму.

– Доколку итно не се разрешат состојбите со професорите од УГД- Штип и Барањата од Советот на СОНК од крајот на јуни оваа година до надлежните министерства, Советот на СОНК на седница која ќе се одржи во првата половина на месец август, а по претходна расправа во регионалните одбори и синдикалните организации на СОНК, најавува донесување на Одлука за стапување во генерален штрајк на образованието, науката и културата, започнувајќи од 1-ви септември оваа година, соопштуваат од СОНК.

Тие најавија дека причините за организирање на јавниот протест и за најавениот генерален штрајк, ќе ги соопштат на прес-конференција која ќе се одржи во вторник.

СОНК исто така им изрази јавна благодарност на средствата за јавно информирање кои објективно и редовно информираат за сите значајни активности на нивниот Синдикат, особено во последниот период и искажа цврсто убедување дека најголемиот дел од јавноста тоа исклучително го вреднува.

– За средствата за јавно информирање кои ги игнорираат активностите и случувањата кои се од битен интерес и од значење и за државата, СОНК најблаго кажано, изразува жалење за таквото однесување, особено за медиумите кои се финансираат од законската обврска за плаќање на радиодифузна такса, како и од дотации од Буџетот на Република Македонија, што значи од даночните обврзници на државата. СОНК пред Собранието на Република Македонија и Агенцијата за медиуми ќе покрене постапка за преиспитување на законската обврска за плаќање на радиодифузна такса за да се спречи обврската за плаќање, која се користи за селективно информирање, се вели во соопштението на Самостојниот Синдикат за образование, наука и култура.