СОНК и МОН се договорија- нема намалени плати за наставниците поради екстерното

Министерството за образование и наука и СОНК се договорија дека нема да има намалени плати за наставниците кои поради екстерното тестирање се најдоа на листата со најголеми отстапки при оценувањето на учениците. Како што беше соопштено на денешната прес конференција, согласно постигнатиот договор, овие наставници ќе треба да одат на задолжителните обуки и нема да може да напредуваат во кариерата, додека не ги подобрат резултатите.

Врз основа на спогодбата меѓу МОН и СОНК, ќе се разговара за унапредување на процесот на екстерното тестирање, а во следниот период треба да се иницираат измени во законските и подзаконските акти и заеднички да се работи на усовршување и имплементација на овој процес.

Наставниците коишто ќе се најдат во првата половина на листата на наставници со најмали отстапувања, че треба да имаат поголема плата за 10 проценти во текот на 9 месеци. Ако и по 3 последователни години наставникот се одржува на оваа листа, зголемувањето на платата станува трајно.

Новини ќе има и во водењето на педагошката евиденција со тоа во следните 2 години треба целосно да се укине хартиениот дневник, а оценките ќе се ставаат единствено во електронски дневник од учебната 2017/2018 година.

Казнените одредби од законите за основно и средно образование по сите основи се групираат по тежинско ниво, но и се намалуваат за 20 проценти.

Спогодбата и дефинираните решенијата е усвоена на денешната седница на Советот на СОНК на која присуствуваа министерот и заменикот за образование и наука, Абдилаќим Адеми и Спиро Ристовски.