СОНК и МОН ќе разговараат, па ќе се одлучува дали наставниците ќе штрајкуваат

Откако беше најавен штрајк на првиот ден од учебната година, Министерството за образование и наука (МОН) ги повика на разговор претставниците на Самостојниот синдикат за образование и наука (СОНК). Од СОНК се согласија, па како што велат за Радио МОФ, во следните неколку дена треба да остварат работна средба за да се најде заеднички став околу висината за зголемувањето на платите за 2019 година.

„Се разбира дека доколку не изнајдеме прифатливо решение за нас, останува одлуката, да се спроведе на 2 септември првиот учебен ден, да не започне, односно да бидеме во предупредувачки штрајк“, вели Јаким Неделков, претседател на СОНК.

Министерот за образование и наука, Арбер Адеми, побара синдикатот да се откаже од штрајкување. Вели дека Владата веќе дала решение и двапати е зголемена платата за пет проценти, во 2018 година и во 2019 година, а се планираат и идни покачувања.

„Имаме добри релации и солиден социјален дијалог. СОНК е запознаен со секој наш чекор што сме го направиле последниве 14 месеци. Контактирани се пред време и за законските решенија, барајќи од нив предлози и коментари кои сме ги добиле и повеќе од нив сме ги инкорпорирале во законите, но и во делот на платите. Имаме заедничка цел и треба да седнеме заедно и на конструктивен начин да одлучиме колку се можностите. Ајде да преговараме дали можеме или не можеме да ја покачиме платата. Ние велиме можеме, а колку ќе биде тоа идно покачување на платите зависи од параметрите“, изјави Адеми.

Од Независниот синдикат за образование и наука (НОСН) пак јавно им понудија на СОНК двата синдикати заеднички да штрајкуваат. И тие стојат на ставот дека платите се ниски и дека треба да се зголемат.

„Ние вчера јавно преку нашата фејсбук страница и преку официјален мејл до Самостојниот синдикат за образование и наука, понудивме двата синдикати заедно да започнат штрајк, со тоа што двата синдикати истовремено ќе земат учевство во штрајкувачкиот одбор. Многу повеќе работници ќе ја поддржат идејата и многу повеќе работници ќе имаат доверба, а со тоа нема да да се повтори лошата пракса од 2015 година“, додаваат од НОСН.

М.К.