„Sonic Geometry“ – психоделичен настан на 25 август во „Капан Ан“  

По една година турнеја низ светот, „Active meditation music“ повторно организира психоделична транс забава во Македонија. Настанот под името „Sonic Geometry“ ќе се одржи на 25 август во клубот „Капан Ан“ во Скопје, каде ќе гостува грчкиот продуцент и диџеј Алекс Панопоулос алијас „Zik“.

Се работи за искусен артист со претпознатлив оригинален мрачен звук, почитуван низ независната психоделична сцена, но и од сите оние кои барем еднаш присуствувале на негов сет. Концептот на музиката на „Zik“ е да се доведе аудиториумот до чувство на трип до најмрачните делови на подсвеста, за подобро разбирање на човековата природа и стравовите. Низ неговиот имагинариум се испреплетуваат и духовити, тензични и апсурдни звуци и семплови, како подлога за мултислоевито вселенско патување. Алекс има креирано повеќе колаборациски и соло проекти како „Matutero“, „Horror Place“ и „Adrenal Glands“.

Алекс Панопоулос алијас „Zik“

Името на настанот „Sonic Geometry“ доаѓа по истоимениот деби албум на „Seth“ (Кристијан Крстески), кој ќе презентира теми од ова психоделично транс парче. Неговата музика може да се опише како ноќна психоделија, со длабоки атмосфери, разнобојни звуци, футуризам и машинерија, движејќи ја постојано публиката до ниво на сериозно звучно – резонирачко патување.

На настанот на 25 август е најавена и Хибе Јахја ака Moksha. На нејзината потрага низ Окултизмот осознава за транс движењето во 1999 година. Фасцинирана од оваа култура, активно се приклучува со нејзиниот дебитантски проект „Moksha“. „Како што имплицира зборот од Санскрит, нејзиниот звук ридвижува кон ослободување од вечниот круг на реинкарнација, претворајќи го подиумот во паралелен универзум“, стои во најавата за настанот.

На забавата како основач и водач на независната „Active Meditation“ ќе се претстави и Борис Киров. Toj се занимава со музика од 2004 година, правејќи експеримент со повеќе стилови, и доаѓа до својот оригинален стил и проект „Demoniac Insomniac“. Од 2008 се пробива низ психоделичната транс сцена, а меѓувремено издава албум за јапонската „Rockdenashi Productionz“.

Борис Киров алијас „Demoniac Insomniac“

Неговата издавачка куќа соработува со повеќе артисти низ светот. Во изминатите 9 години има потпишано 35 изданија, од кои 7 ЦД-а, а останатите објавени преку дигирални платформи. Борис музиката на „Active Meditation“ ја опишува како „експериментален психоделичен транс“.

„Нашето лого е индискиот бог на танцот Шива, кој преку својот танц го уништува светот на илузиите, а во меѓувреме го креира светот на просветлување. Ние веруваме дека танцот врши голема улога во еволуцијата на човекот и представува една од најважните алатки за проширување на човековата свест. Наредната година славиме 10 години од почетокот на нашето работење, и по тој повод ќе имаме повеќе фестивали и журки во Индија, Јапонија, Малезија, Бразил, Гуатемала, Мексико…“, вели Борис Киров.

Инаку, за настанот е најавен и УВ-декор од „Synthetic Evolution“ од Србија.

Со секоја купена карта посетителите добиваат и ЦД и код за симнување на  албумот „Sonic Geometry“.