„Сон, верба, љубов“ – концерт на Дуке Бојаџиев со оркестарот на Македонска филхармонија

На 13 февруари, еден од најистакнатите македонски композитори кој делува на интернационалната сцена Дуке Бојаџиев, ќе одржи концерт заедно со оркестарот на Македонската филхармонија. Публиката ќе има можност да ужива во несекојдневна и атрактивна програма насловена „Сон, Верба, Љубов“.

Концертот ќе се одржи во Македонската опера и балет во 20 часот, под диригентската палка на маестро Борјан Цанев, а на сцената заедно со Бојаџиев кој ќе свири на пијано, ќе застанат и вокалот Крсте Роџевски, кларинетистот Исмаил Лумановски и перкусионистот Матијас Кунцли. Дуке Бојаџиев, како и останатите музичари, веќе долги години живеат и творат во центарот на светската култура, Њуjорк.

Последниот проект на Дуке Бојаџиев „Сон, Верба, Љубов“, во себе ја инкорпорира музиката која што тој ја создаде за филмовите „До Балчак“, „Сенки“ и „Војната заврши“. Проектот содржи и композиции од албумот на Бојаџиев „Љубовта е патот“, за кој, како што и самиот автор вели, инспирацијата ја црпел од неговата животна приказна, од Скопје до Њујорк. Во него се преплетуваат сите фази на неговата еволуција како човек и како уметник.

Проектот претставува спој на филмска, класична и изворна музика, а дел од композициите ќе бидат збогатени со суфистичката поезија на големиот поет и филозоф од 13.век, Џелалудин Мевљана Руми, информираат од Македонската филхармонија од каде додаваат дека ова е уште еден од низата концерти кои отстапуваат од класичниот редовен репертоар на првата национална музичка институција, а со цел  привлекување поинаков вид публика.