Солзи и повици за помош пред Прифатниот центар во Гази Баба

Повици за помош и плач на мигрантите се слушаа од Прифатниот центар за мигранти во Гази Баба, додека активистите на арапски и македонски јазик, пред оградата на центарот ги читаа основните човекови права.

Стотина граѓани на повик на неформалното движење „Протестирам“ излегоа на солидарен марш и тргнаа од Владата, преку Бит Пазар за да стигнат пред Центарот каде во субстандардни услови се сместени стотици мигранти. Солзите не успеаја да ги задржат и дел од граѓаните кои дојдоа пред Центарот.

„Знаеме дека спиете на под, дека немате топла вода. Ги знаеме неправдите со кои се соочувате. Кој и да излезе од вас има право да ја тужи државата во Стразбург. Ние сме народ и земја која во историјата имала бегалци, како Егејците и Косовците. Ние живееме со тоа чувство, дојдовме да им кажеме на овие луѓе дека им го разбираме јазикот и маката. Не бараме ништо посебно од властите, само да има измени во законите“, истакна аналитичарот Рамадан Рамадани.

На англиски јазик од Центарот помош во името на сите побара еден од затворените мигранти, кој посочи дека внатре има и професори и студенти, и лица на кои им е неопходна лекарска помош.

„Ние сме сведоци на ова валкано место. Ние немаме проблем со македонскиот народ туку само сакаме да поминеме. Велат дека е нелегално. Ја минавме и Турција, но никој не рече ништо. Ние сме тука бидејќи нашиот народ е меѓу војна и оган. Во многу лоша ситуација сме, ни треба поддршка, некој да не слушне. Ние умираме. Ние сме тука бидејши законот не не поддржува нас туку криминалците. Вие сте единствените кои можат да ни помогнат. Извлечете не одовде“,  побараа мигрантите.

„Ние ќе продолжиме со вршење притисок врз власта. МВР е тука да ве чува , ако имате проблеми со полицијата известете не. Ако ништо не се преземе, повторно ќе дојдеме“, порача Воислав Стојановски од Хелсиншкиот комитет. Mигрантите се заблагодарија и побараа да не бидат заборавени.

Извици за слобода и правда се слушаа пред Центарот. За време на маршот активистите ги повикаа сите граѓани да се вклучат во хуманитарните акции за помош на мигрантите.

Најголем дел од мигрантите беа пренесени во центарот во Гази Баба по полициската акција во кумановското село Ваксинце, каде во неколку куќи беа откриени голем број лица што нелегално престојуваат во земјава. Тие беа задржани како сведоци за постапките против криумчарите и пренесени во Центарот во Гази Баба, каде како што алармираа невладините, условите за живот се под сите стандарди.

Во меѓувреме стотици мигранти од државите како Сирија, Пакистан, Ирак, Авганистан, од Грција, преку Македонија и Србија се обидуваат да стигнат во развиените западноевропски држави. Бидејќи поради македонските закони тие се илегалци, во страв да не бидат фатени од полицијата најчесто пеш се движат по пругите или автопатот од Гевгелија кон Куманово. Само во последниве две години, на македнските пруги загинаа триесетина мигранти. Сега притисокот на јавноста е упатен кон тоа да се сменат законските одредби за да се овозможи привремено легално транзитирање на мигрантите низ земјава, по примерот на Србија каде на овој начин се решени голем дел од проблемите со кои сега се соочува земјава. Овој предлог денеска беше ставен на дневен ред во Владата.

Ј.Ј. и Е.П.